Една од најпознатите американски сапуници на сите времиња, која во 80-тите години беше вистински телевизиски феномен и една од најгледаните програми во поранешна Југославија, повторно се враќа на малите екрани.

Станува збор, секако, за легендарната **„Династија“ (Dynasty)**, која своевремено се емитуваше и на програмата на тогашна РТ Скопје (денешна МРТ), а приказната за богатото и моќно семејство Карингтон пред малите екрани собираше милионска публика ширум Југославија.

Иако нема да ја гледаме на македонските телевизии, оригиналната „Династија“ оваа ТВ сезона се враќа кај нашите соседи – вo Србија, на Курир телевизија.

Гламурот, богатството, семејните пресметки, љубовните интриги и незаборавното ривалство меѓу Кристл и Алексис повторно ќе оживеат на телевизиските екрани, повеќе од четири децении по премиерата на серијата.

Интересно е што српската публика во моментов има можност да гледа две генерации на „Династија“ па така покрај оригиналната верзија од 80-тите, на државната РТС веќе се емитува и модерниот римејк на The CW, кој приказната за семејството Карингтон ја пренесува во современо време.

За повозрасната публика, враќање во времето кога „Династија“ е телевизиски настан, а за помладата можност да ја запознае оригиналната серија од која започна сè.

Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
