МРТ ги откупи правата за домашни верзии на „Идол“, „Икс Фактор“, „The Voice“ и „The Voice Kids“

Македонската радио-телевизија подготвува вистинско освежување на домашната телевизиска сцена. Јавниот сервис ги обезбеди лиценците за четири од најпознатите и најуспешни светски музички формати „Идол“, „Икс Фактор“, „The Voice“ и „The Voice Kids“, со што македонската публика ќе има можност да ги гледа домашните верзии на шоуа кои со години создаваат музички ѕвезди ширум светот.

Станува збор за формати кои се емитуваат во голем број земји и зад себе имаат милионска публика, препознатливи сцени и бројни музички кариери кои започнале токму пред нивните камери.

Со нивното доаѓање на МРТ се отвора нов простор и за македонските музички таленти и тоа од најмладите изведувачи, па сè до оние кои со години ја чекаат вистинската можност да го покажат својот глас и сценски потенцијал пред пошироката јавност.

По кој редослед четирите големи формати ќе се појавуваат на програмата на МРТ, останува да видиме. Засега, сепак, познат е првиот чекор и тоа „Македонски идол“ како стартно шоу, за кое пријавувањето веќе е во тек. МРТ официјално го отвори јавниот повик за кандидати на возраст од 16 до 30 години, а се бараат нови гласови од различни музички жанрови, со силен вокал, сценска енергија и автентичен израз.

По „Идол“, македонската публика ќе има што да очекува и од „Икс Фактор“, шоу во кое покрај вокалниот талент, клучна улога имаат харизмата, сценскиот настап и оној тешко објаснив икс фактор што го издвојува изведувачот од останатите.

Следуваат и глобалните феномени „The Voice“ и „The Voice Kids“, формати изградени околу идејата дека гласот треба да биде во центарот на вниманието.

„The Voice Kids“ дополнително ќе отвори голема сцена и за најмладите музички таленти и можност уште од рана возраст да работат со професионалци и да се претстават пред националната публика.

Со ваквиот избор на светски телевизиски брендови, МРТ најавува амбициозен чекор кон враќање на големата музичко-забавна продукција на јавниот сервис. Веќе е најавена поширока програмска трансформација и поголем простор за домашната музика, култура и новите таленти.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
