Почетна / Сапуници / Теленовелите повторно исчезнаа од Телма – публиката бара одговор

Теленовелите повторно исчезнаа од Телма – публиката бара одговор

Телевизија Телма повторно ги разочара гледачите кои со години ги следат теленовелите во дневната програмска шема на овој канал.

До нашата редакција изминатиов период пристигнаа неколку пораки и поплаки од гледачи, со барање јавно да го поставиме прашањето до телевизијата : зошто повторно нема континуитет во емитувањето на теленовелите и кога публиката може да очекува следни нови серии од тој жанр?

По завршувањето на колумбиската теленовела „Кафе со мирис на жена“ со светската ѕвезда Вилијам Леви, Телма не започна со емитување нова латиноамериканска серија. Во моментов значителен простор во дневната програма зазема италијанската мелодраматична сапуница „Женски рај“.

Телма емитува нова епизода во 13:45 часот, додека во 11:25 часот се прикажува реприза. Токму затоа се наметнува прашањето: дали навистина е потребно два дневни термини да бидат резервирани за иста сапунска серија, додека цел еден тип програма практично исчезнува од шемата?

Можеби Телма би требало да размисли еден од овие термини повторно да го отстапи за поинаква продукција,  пред сè за латиноамериканска теленовела, каква што, судејќи според реакциите што ги добиваме, гледачите очигледно сакаат и со нетрпение очекуваат повторно да гледаат.

А публиката има причина да очекува таква содржина токму од Телма. Пред „Кафе со мирис на жена“, во дневната програма на телевизијата се емитуваа повеќе мексикански теленовели, меѓу кои „Ако нè остават“, „Ти го давам мојот живот“, „Непобедлива љубов“ и „Наследство“.

Со тоа беше создадена публика која навикна во одреден период од денот на Телма да пронајде нова латиноамериканска приказна.

Проблемот е што и меѓу дел од овие серии телевизијата знаеше да прави паузи. Наместо завршувањето на една теленовела природно да значи почеток на следната, гледачите повторно се доведуваат во ситуација да чекаат без информација дали, што и кога ќе започне.

Токму тука Телма би можела да погледне како ваквиот тип програма го третираат дел од телевизиите во регионот.

На српските телевизии (Pink, Happy, K1, Una, Prva, Blic), како и на повеќе телевизии во Бугарија (bTV, Nova, Diema Family, bTV Story), Босна (OBN, Hayat, BN, Nova BH, Pink BH), Црна Гора (Vijesti, Nova M, Pink M, Prva CG), Хрватска (ХРТ), Романија (Acasa, Happy channel), Албанија (Klan, Vizion Plus) и Словенија (Pop, Planet), драмските серии и теленовелите имаат препознатливи и релативно стабилни програмски термини.

Кога една приказна завршува, гледачот однапред знае или навремено дознава што ќе ја наследи. Континуитетот е особено важен за стекнување гледачка доверба и гледаност.

Тоа е особено важно за дневната телевизиска публика. Не е доволно само повремено да се купи успешна теленовела туку потребно е да се изгради програмска навика и таа навика да се почитува.

Другите национални приватни телевизии кај нас, исто така, во голема мера одржуваат континуитет со драмски серии и содржини насочени кон повозрасната и женската публика.

Никој не очекува програмската шема да биде исполнета исклучиво со теленовели, ниту пак една телевизија треба да се откаже од разновидноста на својата понуда. Но доколку со години се создава публика за одреден термин и жанр, не е коректно тој континуитет постојано да се прекинува без каква било информација за гледачите.

Публиката која со години ги следеше овие серии на Телма заслужува барем јасен одговор, а уште повеќе  стабилен термин во кој по завршувањето на една приказна ќе може да започне нова.

| ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најновата ТВ новела „Доменика Монтеро“ пристигна во Србија

Новата мексиканска теленовела „Доменика Монтеро“ (Doménica Montero) оваа есен пристигна и пред гледачите во соседна …

error: Содржината е заштитена!