Македонската Радио Телевизија објавува Конкурс за избор на композиција која ќе ја претставува Република Северна Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026, што оваа година ќе се одржи на 24 октомври 2026 година во Валета, Малта.
Авторите кои ќе се пријават треба да се државјани на Република Северна Македонија или да имаат регулиран престој во Република Северна Македонија, Пријавата треба да ги содржи основните податоци: Демо снимка од композицијата (mp3 или wav формат), Инструментална верзија на композицијата, Текст на песната, Име и презиме на авторите (музика, текст и аранжман), Контакт телефон и e-mail адреса.

Композициите треба да ги исполнуваат следните услови:
– Согласно правилата на Европската радиодифузна унија (EBU) да бидат оригинални и необјавени
-Да не се јавно изведени или објавени пред официјалниот датум утврден со правилата на Европската радиодифузна унија (EBU)
-Времетраењето на композицијата да не надминува 3 минути, а да не е пократко од 2.30 минути.
-Главниот вокал да биде изведен од дете/деца на возраст согласно правилата на Јуниорски Евросонг 2026
-Композицијата треба да биде современа, оригинална и со јасен потенцијал за сценска и телевизиска изведба. Потребно е особено внимание да се посвети на содржината на текстот, пораката и целокупниот сензибилитет на песната, имајќи предвид дека станува збор за Јуниорски Евросонг и публика составена од деца и млади.
-Се очекува композициите да носат позитивна, емотивна, инспиративна или мотивирачка порака, со текст и музички израз прилагодени на возраста на изведувачот. Песната треба да поседува впечатлива мелодија, силен и препознатлив рефрен, современ продукциски пристап и простор за автентична вокална и сценска интерпретација.

Вокалната линија треба да биде соодветна и да овозможи сигурна и уверлива изведба во живо, а самата композиција да има потенцијал за креативна сценска реализација и меѓународна презентација.
Текстот на композицијата треба да биде на македонски јазик, односно минимум 60% треба на македонски јазик и максимум 40% може да биде на англиски или друг јазик.
Композициите се доставуваат електронски на адресата: [email protected]
Со поднесувањето на композицијата, авторите потврдуваат дека ги поседуваат авторските права за делото и се согласуваат композицијата да биде користена за потребите на проектот и промотивните активности поврзани со Јуниорски Евросонг 2026.
Повеќе детали ќе најдете во Правилата за избор на претставник и композиција за Јуниорски Евросонг 2026 на страната на mrt.com.mk.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
