Поминаа само неколку недели од официјалното објавување за враќањето на Македонија на Евровизија 2027, а фановите на натпреварот веќе имаат јасен фаворит за изведувачот кои би сакале да ја претставува нашата земја по четиригодишното отсуство.

Најмногу се истакнува Боби Андонов, чие име предизвика голем интерес кај фановите на Евровизија во Македонија бидејќи тој моментално е на врвот на листата на имиња вклучени во анкетата објавена од Инстаграм профилот @esc.macedonia. Тој засега има добиено позитивно мислење не само од нашите граѓани, туку и од Македонците кои живеат надвор од нашата држава, но и од многу европски обожаватели како и познати ѕвезди кои испратиле коментар за поддршка на Боби.

Боби доби поддршка од Рита Вилсон, сопругата на Том Хенкс, позната актерка и продуцент од Холивуд со следниве зборови: “Боби има еден од најдобрите гласови кои сум ги слушнала. Го имам слушнато во живо и тој има зачудувачки глас. Евровизија, земете го!”

Претставникот на Кипар за 2023, Ендрју Ламбру кој заврши на 8 место, роден исто така во Австралија го поддржал Боби со следниов коментар: “Боби ќе ја запали сцената на Евровизија во 2027!!!”

Познатиот продуцент и композитор Треј Кемпбел, кои стои зад повеќе хитови на Џон Леџенд, Дуа Липа, Александра Стан, Бебе Реџа исто така оставил свој впечаток: “Дааааа!! Време е за тебе, Кралу!! Боби за победа!!”

Од нашите композитори своја порака истакна познатиот Јован Јованов кој претходниот викенд имаше спектакуларен концерт во Скопје со следнава порака: “Најдобриот. Гласам за Боби.”

Засега сѐ уште не е познат начинот на кој МРТ ќе се определи за својот претставник и како што истакна неодамна претседателот на Програмскиот совет на МРТ, Давор Пашоски, јавноста и медиумите навремено ќе бидат информирани за целиот процес.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
