Холандија и официјално ќе се врати на Евровизија во 2027 година, по едногодишното отсуство од натпреварувањето. Холандскиот јавен радиодифузен систем NPO потврди дека земјата ќе испрати свој претставник на следното издание, кое во мај ќе се одржи во Бургас, Бугарија.
Одлуката претставува пресврт по повлекувањето на AVROTROS. Холандскиот радиодифузер, кој беше задолжен за евровизиското учество на земјата од 2014 година, минатиот месец соопшти дека нема да учествува во 2027 година.

Како причини беа наведени геополитичките тензии поврзани со војната во Газа, учеството на Израел и оценката на AVROTROS дека промените воведени од Европската радиодифузна унија не се доволни за да се врати независниот и неутрален карактер на натпреварот. Потоа, AVROTROS ја врати одговорноста за холандското учество на NPO.
Токму NPO сега одлучи Холандија сепак да се врати на евровизиската сцена. Од организацијата наведуваат дека во меѓувреме биле одржани разговори со EBU и дека се направени значајни промени во правилата на натпреварот. Според NPO, договорено е повторно поголем акцент да се стави на првичната идеја на Евровизија како настан што ги поврзува земјите преку музиката.
Со враќањето ќе има и важна промена во начинот на кој Холандија ќе го организира своето учество. Наместо еден радиодифузер да биде задолжен за целиот проект, од 2027 година холандската песна ќе биде заеднички проект на јавните радиодифузери под координација на NPO.

Ќе биде формиран независен тим од експерти кој ќе го избере и ќе работи со холандскиот претставник, додека NOS ќе биде задолжен за телевизиското покривање, најавните емисии и коментарот на натпреварот. Името на изведувачот што ќе ја претставува Холандија ќе биде соопштено дополнително.
Од EBU ја поздравија одлуката. Директорот на Евровизија, Мартин Грин, изјави дека организацијата е задоволна што Холандија повторно ќе биде дел од натпреварувањето и ги истакна разговорите со NPO во пресрет на враќањето.

Холандија беше една од петте земји кои не настапија на Евровизија 2026 поради учеството на Израел. За земјата тоа беше прво отсуство од натпреварувањето по 24 години.
Евровизија 2027 ќе се одржи во Бургас, со полуфинални вечери на 11 и 13 мај, додека големото финале е закажано за 15 мај 2027 година.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
