Почетна / Живот / Tribevibe е платформа за патувачи, креација на Златко Најденовски

Tribevibe е платформа за патувачи, креација на Златко Најденовски

Периодот на Ковид-19 пандемијата донесе нови предизвици за сите. Сепак за тимот на Ensage, пандемијата беше и мотивација, а и простор за креирање на сопствен производ. Неодамна Златко Најденовски започна да работи на Tribevibe, нова платформа за патувачи со поинакви потреби.
Tribevibe во целост e дело на г. Најденовски, на кој откако речиси го финализира проектот му се приклучи и остатокот на Ensage. Платформата излегува во време во кое туризмот е пред сопствени предизвици во време на кризата. Сепак Tribevibe е платформа за поинаков вид на патувачи, и за неа зборуваме со г. Најденовски.

Ensage едноставно ја дораскажа приказната. Ако Tribevibe е видливиот резултат на дигитален производ основан на етички пристап, Ensage е умот и фабриката која ги поставува етичките темели.

Времето јасно ни покажува дека етичкиот пристап во дигиталните производи е пристап кој што допрва ќе биде баран на пазарот бидејќи компаниите сфаќаат дека да се биде етички настроен е чекор за квалитативно издигнување над конкуренцијата и е умен чекор за долготраен и стабилен финансиски раст, особено во ова време на преиспитување на бизнис вредностите.

Како би ја опишале Tribevibe на некој потенцијален корисник?

Зависи од корисникот. Имам неколку видови на можни корисници кои имаат различни очекувања од Tribevibe. На почетокот сум насочен кон еден, а тоа е The Untourist. Затоа и првенствено се расположувам на пазарот токму кон овој вид на корисници.

За нив Tribevibe го опишувам како заедница која овозможува средби и сместувања со луѓе кои имаат слични интереси, животен стил и стремежи. Смислата е да корисникот се здобие со offline, т.е. недигиталнo искуство, преку online т.е. дигитална алатка.

Типичен корисник на платформата е „Untourist“. Што е Untourist?

The Untourist е само игра на зборови, каде што позади тоа стои оној кој патува не толку за да ги види познатите места во познатите градови, а да се здобие со ново знаење, да искуси нови искуства и да го прошири својот круг на познаници. Значи патувач, а не турист.

Зборот со намера содржи негација, бидејќи овој вид на патувачи (не само во физичка смисла а зборот, а и во психолошка) директно го негираат ставот кога луѓето одоколу ги категоризираат како туристи, и со мала доза на беспокојност одговараат, “Јас не сум турист. Јас сум патувач!”

Тие луѓе имаат животен стил кој во голема мера е од номадски карактер. Длабочината и вредноста на животот ја наоѓаат во создавање и одржување меѓународни пријателства. Оттаму чувството за припадност на одредена нација или народ им е доволно мала, за да себеси се чувствуваат како светски граѓани.

Покрај тоа имаат природна склоност да прават рамнотежа помеѓу разумот и срцето, па затоа се отворена книга пред светот за нови искуства и вештини. Не гледаат разлика помеѓу раси и култури и она што ги обединува е нешто посуштинско, не толку лесно дофатливо со зборови, па затоа јас го нарекувам вибрација.

Но не би се врзувал толку за самиот збор Untourist. Тоа е привремена заменка која ја користам за да создадам љубопитност на пазарот и е повеќе од маркетинг причини. Најверојатно понатаму ќе еволуира во нешто друго.

Која платформа е најслична со Tribevibe и како се разликуваат?

Tribevibe наликува и е проширена верзија на популарниот сервис за патување и престој кај „локалци“ Couchsurfing. Couchsurfing преку апликација и веб-страница овозможува организирање на сместување и „дружење“ помеѓу членовите. Но целта на г. Најденовски е оваа платформа да раскаже малку поинаква приказна и да има малку поинаков пристап; своевидна заeдница која самата се шири и расте.

Но она во што суштински се разликува е дека Tribevibe како заедница се шири преку покани од веќе постоечки членови. Ваквиот пристап, иако делува неинтуитивно решение за зголемување на успехот, верувам дека е токму клучното решение за квалитетно и контролирано ширење на заедницата, каде што главниот двигател е самата заедница. Ова создава дополнителна верба кај заедницата, бидејќи директно ги овластувам да имаат удел во развојот.

Одлучивте да градите заедница паралелно со изградбата на продукот? Што значи ова за развојот на Tribevibe?

Како што напоменав погоре, заедништвото е клучна причина дали Tribevibe ќе успее. Ако прво го градам техничиот дел, а потоа се надевам дека алатката природно ќе ја привлече и создаде заедницата, тогаш шансите за успех се статистички многу помали, т.е. успехот е скоро невозможен.

Овој пристап го научив следејќи слични заедници и анализирајќи ги нивните навики и стремежи. Благодарен сум многу што некој од нив истапија и ми помогнаа да ја дообликувам идејата за Tribevibe.

Кои се плановите за популаризација и кои активности ги преземате за да ги зголемите шансите за успех?

Имам неколку канали каде што се распространив. Највеќе се сосредоточувам да направам што поквалитетна листа на членови на електронскиот билтен на Tribevibe. Тие членови се емотивно најблизу до тоа да станат вистински корисници, т.е. Tribevibers, бидејќи во поголема мера ја разбираат и вибрираат со таа идеја.

Згора на тоа, комуникацијата преку електронска пошта создава личен пристап помеѓу мене и членовите, додека пак комуникацијата преку социјалните медиуми како Instagram и Facebook е премногу бучна, како да зборувам со нив во ноќен клуб. Овие заедници се со намера дизајнирани да бидат бучни, да го расцепкуваат вниманието на корисниците на што помали делови, бидејќи зад тоа стои добро смислен не етички бизнис модел. А она што сакам да го постигнам со Tribevibe е токму спротивното—мир, спокој и општествена благосостојба.

Покрај тоа, голема помош при популаризацијата на Tribevibe гледам во разговори од ваков тип, така да благодарам за оваа можност. 🙂

Кои ви се најголеми стравови и каде ги гледате најголемите предизвици?

Стравот секогаш ми се врти околу тоа дали ќе успеам да привлечам доволен број на корисници пред јавно да ја пуштам апликацијата во етерот. Згора на тоа, тие корисници треба да бидат подеднакво распределени низ светот, бидејќи успехот на ваква апликација не може да се основа на одредена држава или подрачје.

Токму тоа ми е најголемиот предизвик и воедно страв. Бидејќи од една страна, морам да имам доволен број на првични членови, а од друга страна морам да сум сигурен дека тие членови доволно добро ја разбираат идејатa. Бидејќи тие се оние кои ќе ја постават првичната вибрација. Со други зборови, ако тонот е ненаштиман, лесно ќе се дораштима кога ќе надојде следниот бран на корисници. Додека пак, ако тонот е добро наштиман, ќе привлече токму такви луѓе кои вибрираат на тој тон.

Ова е предизвик кој уште во овие рани фази се соочувам и свесен сум колку проблемот може експоненцијално да порасне ако го изоставам.

Колку етичкиот пристап помага или одмага во различни фази во развој на ваква платформа?

Етичкиот пристап е повеќе наменет да биде сфатен од луѓе кои се активни следители на знаците на времето. Не мора да значи дека тие ќе бидат Tribevibers, но за нив оваа идеја ќе биде сфатена кога ќе го увидат нејзиниот ефект низ текот на користење на апликацијата и позитивната психолошка состојба со која ќе се здобијат.

Да бидам поконкретен. Целиот дизајн, технологија и бизнис модел на Tribevibe се основа на етички принципи кои најдобро ги опишувам на мојата веб страна, каде што имено и се занимавам со таа проблематика.

Пандемијата е предизвик, но вас ве „инспирираше“. Како Ковид ви влијаеше на развој на Tribevibe?

Пандемијата ми понуди време. Многу време. Всушност времето како да забави, а кога времето забавува, умот се олабавува од брзи и високи очекувања—токму она што е спротивно со очекувањата на стартап менталитетот.

Tribevibe е експеримент. Не е стартап кој има цел да достигне одредени бизнис цели за да задоволи надворешни инвеститори, бидејќи е првенствено насочен да изгради заедница, бидејќи ваков тип на дигитален производ може да биде финансиски успешен само доколку има јасен дух на заедништво.

Имате ли планови за иднина? Што е следно?

Како и секој градител на дигитални производи, имам многу планеви, идеи, мечти и стремежи. Некои се запишани и испланирани за следните фази. Но рано е да се зборува за тоа. Сега сум сосредоточен на создавање на квалитетни првични корисници. Тоа е клучот за успех.

 

И З В О Р

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

36 посто од е-купувачите купуваат онлајн поради Ковид пандемијата

На првиот ден од годишната конференција за е-трговија која годинава се одржува по трет пат …

error: Содржината е заштитена!