Почетна / Филм / Циклус италијански филмови на сцената на летното кино од 17 мај

Циклус италијански филмови на сцената на летното кино од 17 мај

Со проекција на играниот филм „Леб и чоколадо“ (Pane e cioccolata/Bread and Chocolate) на Франко Брусати на 17 мај на сцената на летоното кино „Мирно лето“ со почеток во 20 часот почнува Неделата на италијански филм, која ќе се одржи до 23 мај.

Од Кинотека на Република Северна Македонија информираат дека циклусот италијански филмови опфаќа наслови и теми поврзани со емигрантството – пред сè од економска природа или печалбарството, кои се реализирани од врвните автори во период од половина век, од 70-тите до поновата продукција од првата деценија на новиот век.

Истата вечер, пред отворањето на овој филмски циклус амбасадорот на Република Италија ќе го одликува директорот на Кинотеката Владимир Ангелов со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија – одликување кое го доделува италијанскиот претседател по препорака на министерот за надворешни работи на Италија за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија. Ангелов (р. 1968), инаку добро познат на културната јавност како уредник и селектор на филмски програми и во Кинотеката и на низа филмски фестивали во земјава, автор на многубројни стручни написи на полето на филмската критика, историја и теорија, со ова одликување ќе стане Витез на Витешкиот ред Ѕвездата на Италија (Cavaliere Dell’Ordine della Stella di Italia / Knight of the Order of the Star of Italy).

Во горчливата комедија „Леб и чоколадо“ на Брусати од 1973 се обработува сторијата за неприлагоденоста на италијански економски емигрант во Швајцарија (улогата ја толкува Нино Манфреди), кој се обидува, но никако не може да се вклопи во швајцарскиот менталитет и постојано е во судир со полицијата бидејќи со неговиот нескротлив јужњачки темперамент ги вознемирува „студените“ Швајцарци, е вовед во тематската недела на италијанската кинематографија со емиграцијата како мотив.

Љубителите на филмот во рамки на програмата ќе имаат можност да ги гледаат и филмовите „Да ви се претставам? Роко Папалео“ (Permette? Rocco Papaleo/My name is Rocco Papaleo, 1971) на стариот добар мајстор од епохата на неореализмот Еторе Скола со Марчело Мастројани во насловната улога; реалистичната драма во манир на „шпагети-вестерн“ „Сако и Ванцети“ (Sacco e Vanzetti) на Џулијано Монталдо; наградуваниот „Новиот свет“ (Nuovomondo/Golden Door, 2006) на Емануеле Криалезе, визуелно стилизиран во фелиниевски клуч; …

…социјалната комедија „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“ (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata/A Girl in Australia, 1971) на Луиџи Ѕампа, со актерските ведети Алберто Сорди, Клаудија Кардинале и Рикардо Гароне во главните улоги; уште една комедија, овој пат современата приказна „Тробојката оди на гласање“ (Bianco, rosso e Verdone) на Карло Вердоне; како и еден од најгледаните филмови во Италија последнава деценија „Добредојдовте на југ“ (Benvenuti al sud/Welcome to the South) на Лука Минеиро , кој се занимава со т.н. „внатрешна емиграција“, односно вечниот судир меѓу италијанскиот Север и Југ.

Билетарата ќе биде отворена секој ден од 19 часот и проекциите се бесплатни и почнуваат во 20 часот. Информираат дека проекциите се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вестерн трилерот „Омразената осумка“ на Тарантино саботно на МРТ 1

„Омразената осумка“ е осмиот по ред филм на Тарантино, чие дејствие е сместено десет години …

error: Содржината е заштитена!