Фондација Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21, на 25 септември 2026 година организираат тематски форум „Од отворена општина до активна заедница: Индексот на отвореност 2026 и граѓанското учество на локално ниво“, со почеток од 10:30 часот, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар (Скопје). Форумот е овозможен со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас во рамките на проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција (ДИГИЛОК)“ спроведуван од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

Отвореноста и транспарентноста на локалната власт се важен предуслов за одговорно управување, доверба во институциите и создавање услови за активно учество на граѓаните во процесите на носење одлуки. Достапноста на информациите за работата на општините, проактивното објавување податоци и воспоставувањето функционални механизми за консултирање и вклучување на граѓаните се клучни елементи на отворена и отчетна локална самоуправа.
Тематскиот форум ќе ги стави под лупа практиките на локалната самоуправа преку презентација на резултатите од Индексот на отвореност на единиците на локалната самоуправа за 2026 година. Ќе бидат разгледани трендовите и промените во отвореноста на општините, областите во кои е постигнат напредок, но и предизвиците што остануваат.

Посебен фокус ќе биде ставен на искуствата од менторската поддршка на 10 општини и на практичните механизми развиени за подобрување на транспарентноста и отчетноста. Дополнително, ќе се разгледа и улогата на дигиталните алатки во унапредувањето на граѓанското учество, со осврт на досегашната примена на платформата мЗаедница, интересот и приклучувањето на општините, како и можностите за спроведување дигитални јавни консултации и подобрување на комуникацијата со граѓаните.
Форумот ќе понуди простор за размена на искуства меѓу локалната самоуправа, граѓанските организации и другите релевантни чинители за состојбата со отвореноста на локално ниво, како и за можностите за нејзино понатамошно унапредување.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
