Почетна / Живот / „Скриени желби, немирни патувања“ во трка за книжевна награда

„Скриени желби, немирни патувања“ во трка за книжевна награда

На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2020″, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор”, пристигнаа следните 8 книги:

1. Луан Старова – „Генералот и пеперутката”
2. Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите”
3. Жарко Кујунџиски – „Сфинга на гневот”
4. Владимир Јанковски – „Скриени желби, немирни патувања”
5. Србо Ивановски – „Изодениот пат”
6. Филип Клетников – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)”
7. Влада Урошевиќ – „Безразборна лабораторија”
8. Владо Јаневски – „Чудо зад аголот”

Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа престижна книжевна награда, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член, во најтесен избор ги избра следните две дела: „Скриени желби, немирни патувања” од Владимир Јанковски, и „Сфинга на гневот” од Жарко Кујунџиски.
На својот последен работен состанок, стручната комисија со мнозинство гласови ја избра книгата „Скриени желби, немирни патувања” од писателот Владимир Јанковски.

Национален претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика”, која поради пречката со глобалната пандемија, ќе се одржи тек кон крајот на 2021 со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика.

***

Oбразложение на стручната комисија за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2020″ :

На конкурсот за избор на национален кандидат за реномираната книжевна награда “Балканика” за 2020 год, до членовите на жири комисијата, во состав: Блаже Миневски, Александар Прокопиев и Елизабета Шелева, оваа година се јавија и беа доставени вкупно 8 книжевни дела.
При тоа, во најтесен избор се најдоа: романот “Сфинга на гневот” од Жарко Кујунџиски и романот “Скриени желби, немирни патувања” од Владимир Јанковски, обата во издание на книгоиздателството “Антолог”.
Ценејќи го комплетниот естетски впечаток, поетичката кохерентност и заокруженост на посочените дела, романот “Скриени желби, немирни патувања” од Владимир Јанковски, со мнозинство гласови од жирито, беше избран за национален кандидат за Балканика 2020 г.
Ова дело се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред се’, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот.
Наративната поетика на ова дело останува доследна и препознатлива, по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, “аскетизмот”, кондензацијата, суптилно поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури.
Секојдневните средби на луѓето, во низа од различни простори, нивните непресушни (и крајно непредвидливи) разминувања и созвучја, во ова дело се прикажани како темелен наратив, генерички именител на самиот животот/и постоењето, како синџир од (наизменични) средби, траења и разделби.

При тоа, множеството ликови и нивните заемни односи не подлежат толку на епска “документарна разврска”, колку што се препознаваат во една мета-димензија на прашалност, симултано присуство и осветлување од повеќе различни перспективи, што сакаат да ја доловат не само уникатноста, така и универзалната потка на човековото искуство. Или, неизбежниот пробабилизам (веројатносен карактер ) на животната матрица, која, без исклучок, понатаму еволуира во нечија судбина.
Отаде, романот изобилува со бројни, мета-биографски или мета-наративни елементи (за тешко одржливата сингуларност на индивидуалниот живот), блескави афористички поенти, ефектно срочени, “егзистенцијални резимеа” и искуствено заверени заклучоци.
Јанковски освен тоа несомнено поседува суптилен сенс за претворање на просторот во тропа, истенчен (башларовски) нерв и осет, за креативниот симболизам, кој зрачи од одделните простори, творечкиот влог на просторноста во книжевната перцепција.
Оваа проза е игрива и динамична, благодарение на својот интермедијален квалитет, филмичноста (отпорано препознаена и од страна на критичарите Соња Стојменска, Оливера Ќорвезироска, Сашо Огненовски); како интригантен рефлекс или своевиден еквивалент во прозниот жанр, на суптилната поетика на урбаното вкрс(тос)ување, што ја препознаваме како пледоаје од филмската естетика на Кжиштоф Кишловски (особено, во “Три бои:Црвено”).

***

Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од 7 држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Р. Бугарија, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов. Во Балканика членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и вон балканските држави, и неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот” и Александар Прокопиев со „Човечулец”.

Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Премиера на кабаре претставата „Чикашки перверзии“ од Дејвид Мамет

Машина продакшн на ден 30ти јуни 2021 (среда) со почеток во 21.00 ч ќе ја …

error: Содржината е заштитена!