Почетна / Живот / „Панта Реи” – изложба на Бојан Ковски во Археолошкиот музеј

„Панта Реи” – изложба на Бојан Ковски во Археолошкиот музеј

Во вторник, 13-ти Декември, во Археолошкиот музеј на Р.С. Македонија ќе биде отворена изложба на Бојан Ковски „Панта Реи”. Официјалното отворање на изложбата ќе започне во 19 часот и ќе биде достапна за посетителите до 21-ви Декември.

Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за Ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, генерација 2011-2015, под менторство на проф. Антони Мазневски. Во своето портфолио Ковски има неколку самостојни, групни изложби и перформанси. Во неговите дела се изразува со слики масло на платно, како и body paint перформанси.

Оваа изложба Ковски ја работеше инспириран од неговиот живот поврзан со водата како главен извор на живот за сите нас, а во неа ќе бидат вклучени 12 дела масло на платно.

Во претстојната изложба, Ковски ја разработува формата на човечкото тело и природата, коишто претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуелизација.

Во прилог кураторскиот текст од Анжелика Апсис:

Кон изложбата,

Мојата драга Дијана Томиќ Радевска, исклучителен уметница која многу ја ценам, веќе ги постави темелите на оваа изложба на кои јас само ќе се надоврзам.

Бојан Ковски го познавам токму од оној момент кога почна да се оформува како сликар. Во Дамар. Местото кое беше втора кожа на многу уметници, писатели, режисери, музичари, активисти и многу други. Место кое се обидуваше да ги зачува сите оние вредности кои исчезнуваа пред нас.

Сработеното најдобро се брани без посредници, со самото постоење. Бојан Ковски е уметник чие творештво се стреми во нагорна линија. Неговиот опус е во процес. Едно дело се надоврзува на друго. Сложена е и специфична структуратата на овие уметнички дела во нивниот целосен изглед. Тој ја одбира водата како еден од четирите основни елементи на планетата Земја. Водата иако е една од најпроучуваните супстанции, таа сепак е најмалку разбрана. ,,Ништо не е толку сложено како нејзиното однесување” – Џон Емсли. Во неа телата ги истегнува до крајни граници. До неспоивото! Божествена елеганција и крајна експресивност. Тие скоро секогаш како да се подаваат, како да посегнуваат по нешто кое за нас ќе остане засекогаш скриено. Ова е негов втор циклус – само насловот останува ист. Сè тече. Во него водата станува бистре, брановите се нежни, не заканувачки. Прегратката го одзема здивот. Таа е можеби најважното нешто по кое сите трагаме. Фигурите се со затворени очи како во плодова вода. Сигурни и слободни. Нивната убавина им е вродена тие не се набљудуваат себе си. Тие немаат потреба од ниту еден друг свет. Се додека во еден апокалиптичен момент, но овојпат толкуван според старогорчкиот збор (грч. Ἀποκάλυψιςapokálypsis подигање на велот) симнување на велот и гледање со вистински очи. Едната фигура ги отвара очите и во крајно задоволство ја набљдува својата дланка. Бојан Ковски е силен во бојата. Тие нежни бранови во кои сакате да продрете со својата дланка. Тие беспрекорни тела… Постојано имате чувство дека сте сред нешто што допрво треба да се случи.

Сликите се поставени во движење. Во овој втор циклус уметникот не пушта во неговиот свет, каде се се движи, се се менува. Сликте се вртат во 360′ но прегратката останува силна. И колку и да сакаме нашата критика на овие дела да биде објективна таа сепак се сведува на нашето лично видување на нештата. Таму каде што ние се пронаоѓаме.

Овој мој текст ќе го завршам со цитат од драгата Дијана Томиќ Радевска: „Сè тече, низ промените на нашиот краток живот, сè се менува, уметноста останува истражувачки запис на едно време, на едно доба, а времето е толку кратко.”

Неизмерна чест ми е да Ве поканам заедно да ја проследиме оваа неверојатна приказна, во разбранетата галерија во срцето на градот.

Анжелика Апсис

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Д-р Васко Шутаров: „Кога татковината станува чедо, а вистината – борба!“

Современиот македонски политиколог, дипломат и професор д-р Васко Шутаров минатата седмица објави нова збирка колумни …

error: Содржината е заштитена!