Почетна / Телевизија / Коментар на ИНРЕКОМ за извештајот на ЕК за медиумите во Македонија

Коментар на ИНРЕКОМ за извештајот на ЕК за медиумите во Македонија

Институтот за развој на електронски комуникации втора година по ред објавува свој коментар на извештајот од Европската комисија за напредокот на Македонија, поконкретно за Поглавјето 10 кое се однесува на информатичкото општество и медиумите, како и коментар за делот на слободата на говор и изразувањето.

Сублимирано, иако Европската комисија во извештајот за 2020 година дава безусловна препорака за почеток на преговорите за членство, постојат одредени забелешки кои треба да бидат отстранети од страна на Владата. Во забелешките се користат термините „одреден напредок“ и „подготвеност“.

И оваа година, Европската комисија, како и домашните актери (здруженија, асоцијации, регулаторни тела) испорачуваат одредени барања со цел подобрување на медиумската слика и информатичкото општество во целина.

Европската комисија и оваа година, за поглавјето 10 наведува дека земјата е „умерено подготвена“ во областа на информатичкото општество и медиумите.

Но, се нотира и „одреден напредок“ бидејќи има промени во насока на донесување на долгорочна стратегија за информатичка и комуникациска технологија и стартувањето на националниот регистар на населението и страницата за електронски услуги на граѓаните и деловните субјекти. Исто така, за пофалба е и употребата на дигиталниот потпис во рамки на порталот за услуги.

ЕК ја пофали Владата и во донесувањето на две национални стратегии, односно едната за широкопојасниот интернет (кој вклучува и воведување на 5G) и втората во однос на сајбер безбедноста.

Во врска со компјутерскиот криминал, според извештајот на ЕК, во текот на 2019 година биле забележани вкупно 59 компјутерски криминали, за разлика од 2018 кога тие изнесувале 105. Иако се преземени чекори за поддршка за спроведување на стратегијата за компјутерски криминал која вклучува и следење на т.н. дарк-веб, ЕК ја повикува Македонија да продолжи да го зајакнува спроведувањето на Законот фокусирајќи се на открување, следење и гонење на сајбер прекршителите.

Во делот на електронските комуникации и годинава бележи одредено зголемување на користењето на широкопојасен интернет, но инвестициите во електронските комуникации се наведува дека продолжуваат со истото темпо како и во 2018 година.
Но во извештајот се забележува дека Законот за електронски комуникации и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба дополнително да се усогласат со законодавството на Европската унија.

Иако скромно во една реченица, ЕК укажува дека се потребни поголеми напори за подобрување на конкуренцијата во телеком секторот. Во превод, Европската комисија ѝ препорачува на Владата и АЕК да се отстрани моменталниот дуолопол и да се воведе трет мрежен мобилен оператор. За потсетување, Македонија е единствена земја во Европа, без трет мрежен оператор, што претставува поткопување на развојот на електронските комуникации.

Иако срамежлива е пофалбата за користењето на системот за интероперабилност, ЕК има забелешка дека и покрај инсталирањата опрема и софтвер, институциите немаат волја да отпочнат да го користат системот за меѓусебна комуникација. Затоа се нотира дека се потребни поголеми напори и подобрена координација помеѓу институциите за модернизација и дигитализација на јавната администрација. Во извештајот сепак се нотира и фактот дека за време на полицискиот час во текот на вонредната состојба поради корона кризата, многу институции понудија нови електронски услуги.

Европската комисија особено го потенцира неуспехот на Собранието да ги назначи членовите на Советот на АВМУ и Советот на МРТ.
Но исто така го нотира и преседанот во однос на законските измени на законот за АВМУ, во кои беше воведено барањето на кабелските оператори да поднесуваат изјави под морална, материјална и кривична одговорност за регулираните авторски и сродни права. Иако беа донесени неколку Уредби со законска сила за време на Ковид-19 кризата, се нотира во извештајот, Владата допрва ќе треба да изнајде долгорочно решение за проблемот.

Регулаторната АВМУ и во овој извештај е пофалена за својата работа во делот на проактивноста во следењето и казнувањето за говор на омраза, непрофесионално новинарско известување, но и за притисоците и заканите врз новинарите и медиумите. Исто така, АВМУ е пофалена и во делот на следењето на сопственичката структура на медиумите и соработката со невладиниот сектор за унапредување на медиумската писменост.

Во овогодинешниот извештај се потенцира и помошта од АВМУ во вид на финансиска инекција на радиодифузерите во текот на вонредната состојба. Но и понатаму се укажува на проблемот со финансиската независност на самата Агенцијата.

Комисијата наведува дека е особено важно да продолжи поддршката на професионалното и истражувачко новинарство. Особено е важно на локално ниво да се обезбеди независност на медиумите од политичките центри на моќ. Но во извештајот ЕК го нотира и правниот преседан со платеното политичко рекламирање за време на изборните кампањи, од буџетски пари преку ДИК, како и измените преку уредбите со законска сила со кои се распределија минутите за политичките спотови.

Во делот за МРТ, исто така е пофалена Македонската радио-телевизија за воведувањето на „ТВ Училница“ со цел да не се прекине образовниот процес за време на корона кризата.

Во извештајот се нотира и дека електронската трговија се зголемила за повеќе од 20% со претходната година, како и дека прагот за увоз на производи од мала вредност се зголеми на 90 евра, со цел поттикнување на е-трговијата.

Повеќе на официјалниот сајт на ИНРЕКОМ :

КОМЕНТАР: Извештај на ЕК за Македонија за 2020, со осврт на делот за информатичко општество, медиуми и слобода на говор и изразување

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ААВМУ ја осуди изјавата на Ковачевски во врска со медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ја осудува изјавата на претседателот на политичката …

error: Содржината е заштитена!