Почетна / Сапуници / Како турските серии станаа посебен dizi жанр и го освоија светот

Како турските серии станаа посебен dizi жанр и го освоија светот

Според variety.com, благодарение на интернационалната дистрибуција и освојувањето на глобална публика, Турција стана втора во светот, веднаш зад САД, во поглед на продукција и дистрибуција на телевизиска содржина. Огромна публика за таа содржина има во Русија, Кина, Кореја, Блискиот Исток и Јужна Америка. Во моментов, Чиле е најголем консумент на dizi гледано по бројот на серии кои се откупени за прикажување во државата, додека Мексико и Аргентина плаќаат највисока цена по епизода.

На Балканот, турските серии повеќе од 10 години се дел од секојдневието на луѓето. Сега, благодарение на глобалната медиска компанија SPI, публиката во Македонија може да ужива во најпопуларните турски серии 24/7 на каналот Timeless Dizi Channel (TDC) достапен на А1 операторот.

Мурат Муратоглу, менаџер за дистибуција во SPI International, ја открива тајната зад огромниот успех на турскиот #dizi наратив.

Diziе нов жанр во подем, како да ја направиме дистинкцијата, по што се разликува dizi од теленовелите и сапунските серии?

Турските серии или dizi, се навистина многу барана содржина и милиони луѓе во светот секојдневно ги гледаат. Тие се уникатни, возбудливи и различни од сѐ останато што во моментов се нуди на пазарот. Dizi е сосема нов, посебен жанр. Се работи за високобуџетни серии од турски продуценти, снимани во прекрасниот Истанбул или магичната Анадолија, што раскажуваат приказни полни страст и емоции, имаат оригинална музика цврсто се поврзани со турските вредности, симболи и култура.

Dizi како жанр стана привлечен поради приказните во кои се препознава широка публика. Сѐ се врти околу семејните врски, љубовта, одмаздата, забранети врски и љубовни триаголници, секојдневните искушенија и неволји на комплексни и интересни ликови кои во рамки на приказната настојуваат да надминат невозможни препреки и предизвици. Клучната разлика меѓу теленовелите и турските dizi е фактот што сценариото на нашите серии изобилува со страст и емоции втемелени на турските вредности, а турските симболи и норми се внимателно инкорпорирани во сцените, заплетот и ликовите. Потоа, dizi се снимаат во реална средина, надвор од студио, вообичаено на локации во прекрасниот Истанбул или на позадина на анадолискиот пејзаж. Дополнителна вредност им дава оригиналниот саундтрак. Сите овие карактеристики ги прават турските серии т.е. дизи жанрот богати од аспект на музика, текст и визуелна разноликост.

Наспроти теленовелите, турските dizi се високобуџетни, секоја епизода е долга речиси како филм, а од аспект на буџети за снимање, времетраењето и скапата продукција може да се мерат со холивудските хитови. Една епизода вообичаено е меѓу 90-120 минути и во зависност од контекстот на приказната подразбира скапа и веродостојна костимографија и филмски сет, соодветни на ерата за која станува збор во серијата. Се снима во прекрасни вили покрај море, во познати историски палати и локации и скапи и прославени ресторани што дополнително ја прави секоја епизода визуелно уште поатрактивна.

Уште една важна карактеристика на дизи жанрот е дека не инсистира на голем број на сезони и не се држи секогаш до бројот на епизоди предвидени за да се покрие телевизиската сезона, тоа е така затоа што е важно да се одржи интегритетот на приказната наспроти сапунските серии кои може да се емитуваат и 15-20 години во континуитет. Во турските dizi секогаш внимателно се бира екипата на актерски ѕвезди и светски познати актери што не е случај кај сапуниците.

На што, според Вас, се должи големиот светски успех на dizi жанрот?

Изминативе 10 години популарноста на турската драма е во процут, што ја постави Турција во позиција на моќен глобален играч во индустријата за дистрибуција на ТВ содржина. Според Eurodata TV, Турција продуцирала најголем број од драмските серии кои постигнале најголема гледаност надвор од својата матична земја.

Dizi секторот процвета благодарение на фактот што Турците гледаат телевизија во просек 3.5 часа дневно, а сериите се втора најгледана содржина по вестите. На почетокот на секоја сезона се лансираат 50-70 серии, а само неколку од нив се избрани да се прикажуваат во текот на целата сезона. Турската публика посветено ги гледа сериите и навистина внимателно избира на која содржина го троши своето време. Оттука dizi секторот е исклучително компетитивен и само оние приказни кои се навистина уникатни успеваат.

За да се сфати глобалниот успех на турските серии треба да се има предвид и долгата и богата турска историја и географскиот простор на кој постоеле многу цивилизации. Современа Турција е местото каде се пресретнуваат Азија и Европа, а поради стратешката локација, Анадолија е совршена локација на која се вкрстуваат многу цивилизации уште од дамнешни времиња, почнувајќи од оние на Сумерите, Хитите, Старите Грци, Римјаните, па до Византиската и Отоманската Империја. Земја со вака обемно културно наследство очекувано е да има и богата културна и социјална динамика. Младата турска популација секако дека е повлијаена и од големите економски и културни промени што се случуваа изминативе децении, што пак создаде совршена позадина за креирање на драми кои се базираат на вечните опозиции, богатство – сиромоаштија, урбано-рурално, илустрирани преку силните карактери и извонредната сценографија во турските dizi. Во dizi, приказната се врти околу семејните врски, моралот, љубовта и е разубавена со емоции кои го трогнуваат секое човечко срце на гледачите било каде во светот.

Локалната убавинa, фокус на универзално споделуваните емоции, врвната продукција, прекрасните предели од Турција на кои се снимани сцените, и способноста на dizi жанрот да ги надмине културните граници ги предизвикуваат странците да посакаат да отпатуваат во Турција и да ги видат местата од нивната омилена серија. Сето тоа придонесува за интернационалниот успех на dizi.

Како ваквиот успех и извозот во над 142 земји се рефлектираше на турската економија?

 Турција е на второ место во светот според обемот на извоз на ТВ серии, веднаш зад САД. Приходот што се остварува од продажба на dizi во светот, според податоците од Министерството за култура и туризам на Турција, изнесува над 350 милиони долари годишно (ова е сума од 2017г.), а се очекува да достигне повеќе од 1 милијарда до 2023 година. Придонесот на сериите за турската економија ја надминува вредноста на директниот приход од продажбата. Dizi жанрот стана корисен инструмент во промоцијата на туризмот и популаризација на многу турски производи. Секоја година многубројни фанови на турските серии доаѓаат во Турција за да ги посетат местата на кои се снимале сериите и да ја доживеат магијата на прекрасните историски локации.

SPI со TDC каналот нуди различни серии во регионот. Која сметате дека е најуспешна и зошто?

Трите најпопуларни наслови се: епската историска драма „Со Русија во срцето“, светскиот хит „Пари и љубов“ и серијата која доби меѓународна Еми награда „Карасевда“. Ова се приказни со кои се идентификуваат луѓето во цел свет. Семејни трагедии, одмазда, љубовни триаголници и препреки кои се навидум непремостиви, споени во една приказна ја прават серијата привлечна за интернационалниот пазар. Dizi фановите во цел свет ги следат и обожаваат турските актери и актерки кои се појавуваат во сериите меѓу кои вистинските ѕвезди како Туба Бујукуштун и Енгин Ајкурек од „Пари и љубов“, Киванч Татлитуг и Фара Зејнеп Абдулах од „Со Русија во срцето“, како и Бурак Озчивит и Неслихан Атагул од „Карасевда“. Интернационална публика сеинтересира како за нивните следни проекти така и за приватниот живот на турските ѕвезди, на тој начин  жанрот креира длабоки врски со публиката што не може да го постигне било која телевизиска содржина.

Кои се плановите за Македонија по однос на актуелната и идна понуда? Што да очекува публиката која го следи TDC каналот на А1 операторот?

Сведоци сме на експанзија на ТВ содржината која се емитува на барање (VoD) па оттука непрекинато се инвестира во креирање на иновативни и прилагодени на вкусот на публиката ТВ, продукти кои ги следат промените на вкусот на гледачите и актуелните трендови. Гледачите имаат потреба да ја консумираат омилената ТВ содржина тогаш кога можат, имаат време или сакаат. За да ја задоволиме ваквата потреба, во моментов развиваме dizi апликација која им овозможува на гледачите во цел свет на нивно барање да гледаат внимателно селектирани серии од најдобрите продуценти, кога сакаат и каде сакаат. Деталите околу dizi апликацијата ке ги објавиме наскоро.

За каналот TDC обезбедивме извонреден пакет одлични серии од водечката продукциска куќа во Турција, Ay Yapim. Два големи хита веќе се емитуваат со македонски превод, „Мали убиства“ и „Карасевда“, а премиерно за гледачите ја емитувавме “Црвена марама”, “20 минути” и “Мајки и маќеи”. „Мали убиства“ е гламурозна приказна од предградието која зборува за одмазда, високи влогови и висока мода. Главните ликови, толкувани од 4 врвни турски актерки, се 4 моќни жени кои навидум се блиски пријателки но всушност си замеруваат и завидуваат една на друга. „Карасевда“ пак е првата турска серија која добила Еми награда, а омилените Бурак Озчивит и Неслихан Атагул ги играат главните улоги. Наскоро во програмската шема ќе бидат додадени и нови серии во кои играат некои од најголемите турски ѕвезди така што ветуваме одлична забава на TDC каналот, за што ќе бидат гледачите информирани првенствено преку вашиот форум, а потоа и преку порталот.

Активно работиме на партнерски договори со операторите со цел нашите канали да бидат вклучени на VoD сервисите на повеќе територии и ги истражуваме можностите да го претставиме SPI на публиката насекаде, секако вклучувајќи ја Македонија.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Санем од „Романтичарот“ : Џан е полн со вредности и го сакам многу

По Џан Јаман, и Демет Уздемир ја посети Италија, каде со голем успех се емитува …

error: Содржината е заштитена!