Почетна / Живот / Избрани 4 најдобри на конкурсот за „Современи бајки од Македонија“

Избрани 4 најдобри на конкурсот за „Современи бајки од Македонија“

Стручното жири на конкурсот „Современи бајки од Македонија“ ги избра најдобрите четири дела од вкупно 316 автори од земјава. На конкурсот за најдобри беа избрани бајките „Перуника“ од авторот Дејан Сибиновски, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова, информираат од Движењето за поддршка на креативноста.

Како што велат оттаму, вкупно 442 дела се натпреварувале за паричната награда од 25.000 денари.

-Сите пристигнати авторски дела на конкурсот беа нумерирани и анонимно оценувани од независна комисија, а финалниот избор го направи стручното жири составено од писателката Оливера Николова и професорката Нина Атанасова-Шкрињариќ. Кога ни беше дадена довербата да читаме и да оценуваме бајки од конкурсот, не ни претпоставувавме дека, всушност, ни се дава ретка шанса одново да обновиме некои подзаборавени чувства од сопственото детство. А ниту малку не беше лесна задачата да се изберат најдобрите, истакна писателката Оливера Николова, се наведува во соопштението.

За својот впечаток во овој проект проф. д-р Нина Атанасова-Шкрињариќ посочила дека честа да се биде дел од најбајковитиот конкурс била голема.

Новото издание „Современи бајки од Македонија“ следува по големиот успех на претходните изданија „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои исто така биле заеднички проект на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

-Почнавме со идејата македонското национално творештво да го доближиме до новите генерации, во модерна форма и израз, да направиме наш бренд, наши јунаци, да се читаат наши бајки. Издадовме 54 ’Бајки од Македонија‘, дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома, но најважно е дека се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. Ја исполнивме првичната цел – македонското национално творештво да добие свое место кај новите генерации, преку креативен пристап. Сега е време да создадеме нова историја, бајки на оваа генерација, современи бајки од Македонија, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Наградените бајки ќе бидат издадени како илустрирани сликовници, а илустраторите ќе бидат избрани на посебен конкурс што ќе биде распишан во јануари 2021 година. Преостанатите пристигнати авторски дела што имаат литературна вредност и квалитет ќе поминат уште едно ниво на селекција и ќе им биде понудено објавување во рамките на посебни изданија и едиции.

Големиот интерес за ваквиот жарн позитивно ја изненадил Бранка Бугариска, директорката на издаваштво во „Арс Ламина“ која вели дека поради тоа се размислувало за во следниот период дополонително да се издадат и други материјали што биле дел од конкурсот.

Од Движењето за поддршка на креативноста посочуваат дека нивната цел е да го поддржат талентот и креативноста кај младите и да ги поттикнат да го изразат својот креативен потенцијал.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Елена Лука го сака ГТЦ”, ново омилено место за мода во Скопје

Изминатата година ни покажа колку имаме потреба од љубов, поддршка и колку всушност сме биле …

error: Содржината е заштитена!