Почетна / Серии / Теленовели / Новите бунтовници од понеделник во нова серија – „Клас 406“

Новите бунтовници од понеделник во нова серија – „Клас 406“

 

“Клас 406” – нова приказна за љубовта, интригите и младоста

 

По неколкугодишна пауза од тинејџерски теленовели на македонските телевизии, од понеделник гледачите на локалните телевизии ќе може повторно да уживаат во нова серија.

По “Млади бунтовници”, “ФМ 04”, “Ангели”, “Акапулко”, “Бунтовници”, “Нескротливи срца”, “Тинејџери” и “Иза”, следува уште една латиноамериканска возбудлива теленовела “Клас 406”, снимана од 2002 до 2004 година, од страна на мексиканската продукција Телевиса. “Класот 406” го промовираше и бендот La quinta estacion, кој изведува и дел од музиката во новелата.

 

 

Серијата ги прати доживувањата на неколку професори и ученици во едно средно училиште во Мексико Сити. Франсиско е професор кој доаѓа од едно мало гратче и кој среќата решава да си ја испроба во Мексико Сити. Се вработува во едно средно училиште, но набрзо сфаќа дека неговата работа нема да биде само учител на децата, туку ќе мора да покаже и човечки вредности, па станува и нивен советник, психолог, подржувач и пријател.

Таму, Франсиско ја запознава Адријана, училишниот советник и започнува врска со неа, но ќе мора страста да ја држат на дистанца поради позициите кои ги имаат на работа. Адријана ќе мора да ја избере љубовта кон синот пред љубовта кон Франсиско, па така тој утеха ќе најде во Ана Марија, професорката по англиски. Но вистинска љубов, Франсиско ќе пронајде во Анхела, жената која работи во училишното бифе. Таа е мајка на Хуан Давид и Сандро, кои се ученици во тоа училиште. И покрај врската со Анхела, професорот нема да се откаже од намерата да ги научи своите ученици да имаат почит кон авторитетот, почит кон саканиот, кон пријателите, кон семејството и почит кон самите себе.

 

 

Неговите ученици се во години кога не се веќе ни деца, но не се ни возрасни. Тие се млади луѓе во едно бурно и непредвидливо доба од нивните животи, наречено адолесценција, во кое срцето е појако од разумот, а сонот е двигателот на нивните иднини. Во лудите години живеат Габриела и Марсела, чие пријателство ќе биде ставено на тест. Тука е и убавата Магдалена која е злоставувана од страна на семејството, тука е Уго кој влегува во улични банди, Кике кој има проблем со алкохолизмот, Фреди кој се соочува со непријатности поради тоа што е геј, Карлос кој започнува да продава дрога, Даниела која сака да стане модел и Татјана која последна се придружува во класот 406 и која мора да стекне нови пријателства во таа дружива. 

Во тоа училиште младите бунтовници ќе ја искусат првата љубов, која за некои ќе трае еден месец, но за некој ќе значи да се биде заедно цел живот. Во тоа училиште тие ќе се забавуваат, ќе учат, но ќе ја научат и разликата од тоа само да се сонува и да се остварува сонот, разлика помеѓу предизвикување на внимание и добивање почит од вистински дела, помеѓу желбата и реалноста, разлики помеѓу детството и светот на возрасните. Тинејџерските денови за нив ќе донесат големи промени и ќе создадат големи личности.

 

 

Во главните улоги настапуваат младите актери Арон Дијаз, Шерилин, Иран Кастиљо, Анаи, Дулсе Марија, Сара Малдонадо, Алфонсо Ерера, Кристијан Чавез, Себастијан Рули, Мишел Вит и други.

Серијата со емитување започнува од понеделник. МТМ е една од телевизиите која ќе ја емитува и тоа од понеделник до петок во 20:30 часот, со репризни изданија ноќта во 01 часот и следниот ден во 12:00 и 17:00 часот.

 

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Видео | Ќе се разоткрие ли убиството кое донесе „Подарено срце“?

И вечерва на Сител, нова епизода од љубовната драма за едно “Подарено срце”. Приказната за …