Почетна / Филм / Велигден на Телма со домашни играни и документарни филмови

Велигден на Телма со домашни играни и документарни филмови

За време на велигденските празници, телевизија Телма ќе емитува премиерни македонски филмови, за чии термини, информирајте се во продолжение.

сабота (18 април), 16.15 часот – “Соба со пијано” (2013)

Македонската драма „Соба со пијано“ е приказ на различни животни судбини доведени на оваа единствена локација од чии ракурс можат да се допрат најсуштествените аспекти на нашето постоење. Улогите во филмов на Изи ги толкуваат Наташа Петровиќ, Јовица Михајловски, Светозар Цветковиќ, Васил Зафирчев, Игор Стојчевски, Симона Спировска, Торстен Вогс, Ива Крајнц, Дениз Абдула, Фирдаус Неби, Јагода Кумриќ, Невена Ристиќ.

сабота (18 април), 18.00 часот – “Камена градина” (2018)

“Камена Градина” е краток, експериментален, документарен филм, посветен на Старата скопска чаршија. Во едно деноноќие, преку неколку занаетчии, го следиме нивното секојдневие, разноликоста на културите и богатата историја, на единственото место во градот Скопје, кое низ вековите го задржало својот автентичен изглед.

сабота (18 април), 19.15 часот – “Медена земја” (2019)

Македонскиот документарец светската премиера ја имаше на „Санденс“ во јануари минатата година, каде што освои три престижни награди. Во Македонија премиерно беше прикажан на фестивалот „МакеДокс“ минатиот август. Филмот учествуваше на повеќе од 80 филмски фестивали и освои над 40 меѓународни награди.

„Медена земја“ е првиот документарен филм во светската историја што добил две номинации за „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм.

сабота (18 април), 20.45 часот – “Црвена соба” (2016)

По смртта на неговата сопруга, Никола (62 год.) се повлекува во себе, живее сосема сам заедно со трите мачиња за кои се грижи со многу љубов и внимание.

Нема пријатели, а поради својот запуштен изглед делува како бездомник. Маалските деца пак не пропуштаат прилика за да се мајтапат и да го исмеваат. Единствена која го посетува и се грижи за него е неговата ќерка Марта и внуката Ана која редовно доаѓа да ја собере неговата пензија. Краткометражен филм на Косара Митиќ.

сабота (18 април), 21.00 часот – “Види ја ти неа” (2017)

На 34. Филмски фестивал „Санденс“, најголемиот американски фестивал на независен филм, во конкуренција со 17 наслови од цел свет македонскиот филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столески ја освои наградата најдобар интернационален краток филм. Филмот е во продукција на Скопје филм студио и Црна мачка продукција.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

недела (19 април), 19.15 часот – “Намини бар еднаш” (2013)

Режисерката Косара Митиќ го дефинира своето филмско деби на краткометражен филм како типичен трилер, со напната атмосфера и параметри кои го наведуваат гледачот да верува дека ќе биде сведок на злосторство, за веднаш по пресвртот да добие психолошка, сексуално возбудлива димензија која преминува во вистинска романса.

недела (19 април), 22.15 часот – “Џган” (2016)

артин Ѓоргоски, Дениз Абдула, Никола Ристановски и Игор Стојчевски во дебитантскиот филм на Вардан Тозија. Низа од свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот, зад нивните ѕидови што им нанел само болка и страдање.

понеделник (20 април), 19.15 часот – “Три дена во септември” (2015)

Дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски, во продукција на „Скопје филм студио“ и „Иконе студио“. Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана, која патува кон куќата од нејзиното детство, сместена во изолиран планински крај. Тоа е совршено засолниште за Марика, се додека не се појави локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери нa двете жени.

понеделник (20 април), 21.00 часот – “Љубовникот” (2018)

Краткометражен филм на Игор Иванов Изи за еден пропаднат циркуски изведувач, кој успева да ја врати саканата и да ја тргне од прегратките на нејзиниот нов љубовник, со помош акробатските вештини во кои таа некогаш се заљубила.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Хомо“ на Интернационалниот филмски фестивал во Софија

По 51. ИФФИ Гоа во Индија, Интернационалниот филмски фестивал во Софија го селектираше дологметражниот игран …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!