Почетна / Телевизија / ТВ Емисии / Ова се најскапите реални шоуа во историјата на бугарските телевизии

Ова се најскапите реални шоуа во историјата на бугарските телевизии

Колку чини создавањето на едно големо телевизиско реално шоу? Одговорот не е едноставен, бидејќи телевизиите ретко ги објавуваат целосните продукциски буџети, но достапните податоци откриваат дека кај најголемите формати станува збор за милионски инвестиции.

Врз основа на јавно достапните информации за буџетите, локациите, техниката, наградните фондови, големината на екипите и сложеноста на продукцијата, ова се десет од најскапите и најамбициозни реални формати што се емитувале на бугарските телевизии.

 1. „Survivor“ – bTV

Бугарското издание на светски познатиот „Survivor“ („Преживеан“) се смета за една од најскапите реални продукции направени за тамошниот телевизиски пазар. Од bTV и самите го опишувале како високобуџетна продукција, чија реализација претставува сериозен финансиски предизвик за релативно мал пазар како бугарскиот.

Снимањето во странство подразбира транспорт на голема екипа, меѓународна логистика, медицински тимови, огромно количество техника, изградба на полигоните за натпреварување и повеќемесечни подготовки.

Токму поради продукцискиот обем, „Survivor“ го зазема првото место на листата.

2. „Къртицата“ – „The Mole“ („Кртот“) – TV7

„Къртицата“, бугарската верзија на меѓународниот формат „The Mole“, е историски рекордер кога станува збор за конкретни јавно објавени инвестиции. Кога започна да се емитува во 2013 година, беше претставена како најскапата емисија на бугарскиот телевизиски пазар. Само инвестицијата во специјализирана техника, според тогашните информации, изнесувала околу еден милион евра.

Наградниот фонд изнесувал 125.000 евра, а во медиумите се појавувале информации дека хонорарите на одредени познати учесници достигнувале и до 100.000 евра.

3. „Игри на волята“ – „Desafío“ – NOVA

„Игри на волята“ („Игри на волјата“) денес е еден од најголемите реални проекти на NOVA. Според публикациите при започнувањето на шоуто, само првата сезона била реализирана со буџет од повеќе од еден ипол милиони евра. Уште тогаш продукцијата финансирала 24 натпреварувачи и снимање на десет различни локации долж бугарското Црноморје и во Странџа.

4. „Big Brother“ – NOVA

Еден од најпознатите реални формати во светот бара многу поголема продукција отколку што може да изгледа пред телевизиските екрани.

Специјално изградена куќа, десетици камери, 24-часовно следење на учесниците, режисерски и продукциски екипи и комплексна техничка инфраструктура го прават „Big Brother“ („Големиот брат“) еден од најскапите формати реализирани во Бугарија.

5. „Ергенът“ – „The Bachelor“ („Ергенот“) – bTV

Егзотични дестинации, луксузни вили, меѓународни патувања, голем број учесници и продукциска екипа која мора да функционира далеку од дома. „Ергенът“, бугарската верзија на „The Bachelor“, е уште една скапа телевизиска продукција. bTV го позиционира форматот меѓу своите големи премиум проекти, иако точниот буџет за една сезона не е објавен.

6. „Гласът на България“ – „The Voice“ („Гласот на Бугарија“) – bTV

Бугарското издание на „The Voice“ е меѓу најголемите музички телевизиски продукции во земјата. Огромна сцена, професионално осветлување и озвучување, музичари, тренери, стотици кандидати и долга постпродукција значат и високи трошоци. Во 12. сезона во 2026 година се пријавиле повеќе од 2.000 кандидати, додека победникот добива награда од 30.000 евра.

7. „Фермата“ – „The Farm“ („Фарма“) – bTV

Кај „Фермата“ практично мора да се изгради цел нов свет во кој учесниците ќе живеат со месеци. Фарма, објекти, животни, различни конструкции и декори, техника и голема екипа на терен ја прават бугарската верзија на „The Farm“, една од продукциски најсложените реални емисии.

8. „Маскираният певец“ – „The masked singer“ („Маскираниот пејач“) – NOVA

Еден од најскапите типови студиско шоу. Покрај големата сцена и сложената телевизиска продукција, „The Masked Singer“ бара изработка на спектакуларни костими, сценографија, специјални ефекти, осветлување, звук и сериозна постпродукција. Самите костими и сценските настапи претставуваат значителен дел од трошоците.

9. „Като две капки вода“ – „Your face sounds familiar“ – NOVA

Познати личности секоја недела се трансформираат во светски музички ѕвезди, а зад неколкуте минути што публиката ги гледа на сцена стои огромна продукција. „Като две капки вода“, бугарската верзија на „Your face sounds familiar“ (Твоето лице звучи познато), бара професионална сцена, музичари, танчари, кореографија, костими, комплексна шминка, осветлување и специјални ефекти.

Поради тоа се смета за една од најсложените студиски продукции на бугарската телевизија.

10. „Бягство към победата“ – “The amazing race” – bTV

За разлика од студиските шоуа, тука најголемиот предизвик е постојаното движење на целата продукција. Форматот подразбира голем број локации, транспорт, логистика, натпревари и бројна екипа на терен. Во последната сезона учесниците минувале илјадници километри низ три држави, а наградата достигнала 50.000 евра

Дани  | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алфа ја стартува новата сезона со политичкото ток шоу „Колегиум“

Првиот новитет кој телевизија Алфа го најавува за претстојната 2026/2027 ТВ сезона е новото дебатно …

error: Содржината е заштитена!