Почетна / Забава / „Моја бесмртна љубов“ – нова концертна сезона на Филхармонија

„Моја бесмртна љубов“ – нова концертна сезона на Филхармонија

Новата концертна сезона (2019-2020) на Филхармонија е насловена „Моја бесмртна љубов“. И оваа концертна сезона на публиката ќе ѝ понуди фантастичен избор на солисти и диригенти, како и софистицирана и деликатно избрана програма која ќе го презентира диверизитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови.

Насловот алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената. Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната, туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година – истакна Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

И Филхармонија прославува значаен јубилеј – 75 години од формирањето.

По повод овој значаен јубилеј нашата институција подготви роденденски концерт кој ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе  присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“ кој тогаш ќе се одржува во Скопје. Тоа е голема чест и привилегија за нас како институција бидејќи овој концерт ќе претставува и презентација и промоција на нашата музичка традиција во пошироки рамки – истакна Илиески.

Сезоната на Филхармонија се отвора на 26 септември со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба како што оценуваат критичарите речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор.

Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти, добитник на наградата „Херберт вон Карајан“ во 1971 година. Вит му бил и асистент на Карајан на Велигденскиот фестивал во Салцбург, а неговата богата интернационална кариера вклучува настапи со најзначајните оркестри во Европа, Америка и далечниот Исток – истакна Илиески.

Ана Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот на Филхармонија ја истакна програмата која паралаелно ќе се реализира на Камерната сцена.

Исто така, во Камерната сала ќе продолжат да се одржуваат рецитали на странски, но и на нашите солисти, главно од оркестарот на Филхармонија на кои оваа сцена им е матичен подиум на кој можат активно да концертираат во најразлични формации и состави – истакна Кондратенко.

Во новата концертна сезона ќе настапи и влијателниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс, кој по работата во врвни француски симфониски оркестри во 1990-тите се одлучува за солистичка кариера. Рено Гарсија Фонс разви свој музички јазик и стил со кој на автентичен начин го еманципира инструментот на кој свири. Контрабасот во рацете на Фонс звучи како шпанска гитара, африканска бас лаута, како виола или персиска виолина. Станува збор за врвен инструменталист со каталонско потекло, и од таму всушност потекнува неговиот интерес кон шпанската и ориеанталната култура.

Меѓу солистите кои ќе настапат на концертите на Филхармонија се и сопранистките Маша Бругергросман и Софи Горделадзе (Романија). Освен меѓународните инструменталисти, со оркестарот на Филхармонија ќе настапат и наши солисти. Публиката ќе има можност да ги чуе виолинистите Александар Димчевски и Фросина Богданоска. Ќе настапат и македонскиот баритон Горан Начевски и хорот „Про-Арс“ . Филхармонија продложува и со афирмација и изведба на дела од домашните композитори. Ќе прозвучат „Симфонија“ од Гоце Коларовски со чија изведба ќе се одбележат 60 години од раѓањето на композиторот, како и „Фантазија корале“ од Томислав Зографски по повод 85 години од раѓањето на авторот. Исто така ќе бидат изведени и варијациите „Среќен роденден“ на Филип Иванов на роденденскиот концерт на Филхармонија.

Публиката ќе има можност да го чуе и германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, чиј репертоар опфаќа композиции од раната музика до современи дела. Како солист ќе настапи и израелскиот виолинист Вадим Глузман кој редовно настапува со симфониски оркестри како Берлинска филхармонија, Чикаго симфони, Лондонскиот симфониски оркестар и со врвни диригенти. Уште една виолинистка која „Класик еф-ем“ ја стави на листата на најзначајни инструменталисти под 30 години, ќе настапи со оркестарот на Филхармонија во новата сезона. Станува збор за Естер Ју, американската виолинистка со корејско потекло која е препознатлива по „темниот аристократски тон“.

Со оркестарот на Филхармонија ќе настапи и Шерон Ковач, холандската пејачка со темен и сиров вокал, во кој можат да се насетат влијанијата на Били Холидеј, Нина Симон, Ејми Вајнхаус, Бет Гибонс…Оваа уникатна вокалистка е енигматски феномен – нејзиниот синг „My lovе“ беше инстант хит во Европа, а деби албумот „Нијанси на црно“ од 2015 година се продаде во 36 земји, и беше меѓу десетте најпродавани во Германија, а на прво место во Холандија.

Покрај Александар Мелников, во новата сезона ќе настапат и пијанистите Зи Зи (Кина), Давид Фре (Франција), Јеул Еум Сон (Кореја) и победникот на интернационалниот натпревар „Чајковски“ во 2015 година– Дмитри Маслеев кој ќе го изведе Третиот концерт за пијано и оркестар од Бетовен.

Концертите ќе ги водат долгогодишните соработници како Емил Табаков, Тимоти Редмонд, Јерухам Шаровски, Конрад ван Алфен, Румон Гамба…, како и македонските диригенти Борјан Цанев и Сашо Татарчевски. Првпат со оркестарот на Филхармонија, покрај Антони Вит ќе диригираат и Премил Петровиќ (Србија) и Чарлс Оливиери Мунро од Чешка кој е препознатлив по пасионираната изведба на дела од словенскиот репертоар и инсистирање на чистота на оркестарскиот звук.

Составен дел и од оваа сезона се традиционалните концерти – „Новогодишниот гала концерт“ и „Љубовниот концерт“ на 14 февруари, “, како и  „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ на кои настапуваат учениците и студентите од државните училишта. Тука се и двата настапи во Градскиот парк со кој Филхармонија секоја година ја заокружува концертната агенда.

Дани | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Модниот бренд „Елена Лука” на страниците на британскиот Vogue

Етаблираниот македонски бренд Елена Лука се најде на страниците на ноемвриското издание на престижниот магазин, …