Познатиот холивудски актер Кифер Сатерленд, кого публиката најмногу го памети како Џек Бауер од легендарната серија „24“, доаѓа со уште една возбудлива телевизиска улога. „Допир“ (Touch) ќе се емитува од понеделник до петок, во добро познатиот термин за американски серии на Сител, пред полноќ.

„Допир“ е американска драмска серија од креаторот на „Херои“, Тим Кринг, која се емитуваше на американската телевизија FOX. Снимени се две сезони со вкупно 26 епизоди, а покрај Сатерленд, главните улоги ги толкуваат Дејвид Мазуз, Гугу Мбата-Ро и Дени Гловер.

Кифер Сатерленд го игра Мартин Бом, поранешен новинар кој по смртта на сопругата сам се грижи за својот единаесетгодишен син Џејк. Џејк никогаш не проговорил и тешко комуницира со луѓето околу себе. Неговото внимание постојано е насочено кон броеви, но Мартин наскоро сфаќа дека броевите што ги запишува неговиот син не се случајни.

Зад нив се кријат луѓе и настани кои на прв поглед немаат никаква врска еден со друг. Следејќи ги трагите што му ги остава Џејк, Мартин започнува да открива што навистина се крие зад неговата необична способност. Во приказната се вклучува и професорот Артур Телер, кој сфаќа дека способноста на Џејк е многу посложена отколку што Мартин претпоставува.

Драма, мистерија и трилер во секоја нова епизода со нови броеви и нова задача за Мартин, додека постепено се открива поголемата мистерија околу Џејк. Од понеделник до петок, пред полноќ.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
