Почетна / Живот / Дали ќе се урива дел од охридското архитектонско наследство?

Дали ќе се урива дел од охридското архитектонско наследство?

Во продолжение, соопштение од Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS, кое ви го пренесуваме во целост:

“Викендов, наш член поминувајќи покрај ресторанот и дискотека „Парк” забележал дека се изнесува инвентарот па запрашал некој од луѓето што се случува. Добил одговор дека објектот ќе се руши а на негово место ќе се градел нов хотел. Само за потсетување, овој специфичен (и би рекле уникатен) објект е дело на познатиот охридски архитект Павел Балабанов, кој за него го добива специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година. Запрашан за најомилено свое архитектонско „чедо”, го издвојува ресторанот „Парк”, од причина што креативниот процес бил највозбудлив. Дали во Асоцијација на архитекти на Македонија / Assoc. of Architects of Macedonia се запознаени со овие намери на сопствениците на земјиштето? Дали навистина ќе се урива репрезентативен објект, дел од охридското архитектонско наследство на XX век чиј габарит и висина беа вклопени во опкружувањето?


Објектот се наоѓа во рамките на катастарската парцела 5972/3, дел од катастарска општина Охрид 4. Во податоците за објектот стои класа А2-1 што според Правилникот од најновиот Закон за урбанистичко планирање е „мали станбени згради до 10 станбени единици слободностоечки”. Класа А2 се станбени згради и сигурно немало драстични измени во класифицирањето и според старите закони. Некако нема логика зашто А2 не е ни според намената на објектот претходно, или во меѓувреме се направени одредени измени. Со право стравуваме, имајќи предвид колкав беше по обем и висина некогашниот хотел „Парк” а колкаво здание се издигна потоа, узурпирајќи го брегот и некогашното пристаниште пред хотелот (како јавен простор), а дополнително користејќи државно земјиште каде што се базенот и игралиштата, за што досега не сме добиле информации од институциите на каков начин и под кои услови им е отстапено на користење.
КП 5972/3 влегува во ТК Горица 2 ПО 2, за кој досега не е усвоен урбанистички план. Кога во 2018 година присуствувавме на јавната расправа за СОЖС (Стратешка оцена за влијанието врз животната средина) за УПВНМ за дел од ТК Горица 2, ПО 2 во Општина Охрид, на нашето прашање како може да се изготви студија, да се процени влијанието кога нема плански документ, добивме некои нејасни и контрадикторни објаснувања од „Енвиро ресурси”, изготвувач на „студијата”. Исходот од овој процес остана непознат, бидејќи изготвувачот на СОЖС не одговори на нашите коментари на што е обврзан со закон. Инаку, објектот на ресторанот е во Зона I или појасот од 50 метри од КП Охридско Езеро, каде, според Планот за управување, забранета е надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови.


Во меѓувреме ќе испратиме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, меѓу другото да ни се достави а) УПВНМ за дел од комплекс Горица опфат 2 доколку е донесен; б) Мислење од Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион; в) Планскиот документ според кој се вршат подготвителни активности на КП 5972/3 КО Охрид 4 и конзерваторско одобрение од УЗКН. Очекуваме притисок од јавноста, реакции, притисок од медиумите, да се истражи што навистина се случува. Дали некој е привилегиран, над законот, или важат за нив специјални услови, кои се во спротивност со наводните заложби на македонските институции за исполнување на препораките на UNESCO?”

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Велковска: Правдата во Македонија – законска дупка од епски размери

Драгана Велковска, aктивистка за заштита на животни и животна средина so реакција на изјаснувањето од …

error: Содржината е заштитена!