Алфа ТВ со целосно редизајниран веб-сајт, кој носи помодерен изглед, поедноставна навигација и значително подобра презентација на телевизиската програма и содржините на телевизијата.

Новата веб-страница е визуелно ориентирана кон програмата на Алфа, со големи фотографии и банери преку кои се издвојуваат актуелните емисии, серии и други содржини.

Една од позначајните новини е новиот ТВ распоред, преку кој посетителите можат поедноставно и навремено да ја следат програмата по денови и часови, како и да проверат што се емитува во моментот и што следува во текот на денот.

Посебно место добива и секцијата „Серии и филмови“, каде на едно место се прикажани играните содржини што се емитуваат на Алфа.

Филмовите, но и сериите добиваат и сопствени страници со опис, фотографии и содржини на епизодите.

Редизајнирани се и страниците посветени на емисиите, додека информативниот дел останува важен сегмент од порталот со вестите од Македонија, економијата и светот.

Со новиот дизајн, Алфа ТВ влегува во новата телевизиска сезона со значително помодерно дигитално издание, кое на гледачите им овозможува полесно да ја следат програмата и да ги пронајдат содржините што ги интересираат.

Ваквиот изглед бара и редовно ажурирање и збогатување со вести, содржини, информации како што тоа го прават другите македонски телевизии и особено телевизиите во регионот.

Се надеваме дека гледачите ќе добијат богата телевизиска програма во наредниот период и навремени информации за телевизиските содржини и сите новости, за разлика од претходно кога со месеци никој не го ажурираше веб сајтот на телевизијата.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
