Петте национални македонски телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат), здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ реагираат дека преку нови телевизиски сервиси, српски компании ги злоупотребуваат и заобиколуваат македонските закони.

„Националните радиодифузери членки на ММА и јавниот сервис МРТ се сериозно вознемирени од индициите дека со работењето на неколку нови телевизиски сервиси кои се креирани од српски блиски до државата компании се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.

ММА и МРТ имаат материјални докази дека спортските канали Arena M1, M2 и M3 Premium подолг период работат без домашна дозвола, а нашиот регулатор АВМУ на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик.

Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор REM каналите Arena M1, M2 и M3 Premium не постојат што значи не се домицилни, српски канали. ММА и МРТ бараат органите на истрагата како и референтните институциите да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање на лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ сервисите како и кај службениците на АВМУ. Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права позната како ТВ пиратерија. За жал долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот како што се Хрватска, Албанија, Босна и Србија бараме конечно да влезе во радарот на македонскиот регулатор“, велат од ММА и МРТ.

Оттаму додаваат дека нема да дозволат истиот модел на евентуалното изигрување на законот да биде применет и за најавениот Уноруз Македонија, односно АВМУ да го третира како странски сервис на начин сличен на Арена премиум каналите, „како што најавуваат нивните сопственици и структури од Белград“.
„Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило. ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ“, велат од ММА и МРТ.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
