Почетна / Забава / Евровизија / Македонија ќе учествува на Евровизија 2015

Македонија ќе учествува на Евровизија 2015

 

Македонската телевизија конечно објави каква е одлуката за учеството на Македонија на Евровизија 2015. Нашиот претставник оваа година ќе се одбере на Скопскиот фестивал. Целосно ја пренесуваме веста што предмалку ја објави Македонската телевизија и која е пренесена на сите портали во Европа кои ја следат Евровизија.

 

 

Во пресрет на најстариот и најреномираниот Фестивал на забавни мелодии СКОПЈЕ 2014-та, кој ќе се одржи на 13-ти ноември оваа година, организаторот – Македонската Радио Телевизија активно започна со низата подготовки за успешна реализација на претстојното издание на фестивалот. Јавноста е веќе добро информирана за текот на настаните и конкурсот за аплицирање на композиции од коишто најдобрите 20 ќе бидат претставени на самиот фестивал, а пак најдобрите три – и оваа година наградени со вредни парични награди!

Покрај востановените атрактивни награди за најуспешните, МРТ воведува неколку новитети, кои ќе претставуваат дополнителен мотив за учесниците и востановување на нови награди. Едниот од нив е: Првопласираната композиција и изведувач, освен највисоката парична награда, воедно ќе бидат и пакетот кој ќе ја претставува Македонија на најпрестижниот интернационален музички натпревар – Изборот за Песна на Евровизија 2015!

„По спроведената анкета на веб страницата на МРТ изминативе месец и половина, кадешто како Јавен сервис со општествена одговорност го побаравме мислењето на граѓаните за нашето (не)учество или  начин на избор на македонскиот претставник на оваа престижна манифестација, евидентниот број на гласачи коишто учествуваа во спроведената анкета беа доста поделени по ова прашање. Но сепак, со огромниот  број издржани и конструктивни размислувања од страна на граѓаните, се чини дека  јавноста сепак не сака да крене раце од Евровизија и без оглед на се – има верба и желба да ја види Македонија на големата сцена,  пред  очите на европското семејство и светот!“ – изјави уредникот на културно-уметничката програма на МТВ, Мери Попова.

Изборот за Песна на Евровизија е секако најголемиот музички настан во Европа, кој од оваа година, го следи и пренесува буквално  целиот свет. На него се секогаш присутни над 2.000 новинари коишто секојдневно будно ги следат настаните и известуваат за своите електронски и печатени медиуми, коментатори кои во директниот пренос задолжително  говорат за вашата земја и учесник, како и илјадници настани коишто се случуваат таму во деновите на подготовки. Со еден збор – настан кој нуди огромна можност за промоција на културата, талентот и убавините на една држава.

„Во тој контекст, МРТ одлучи да го послуша гласот на мнозивството. И, ако бројот на гласачи коишто гласаа против  присуството на Македонија  на европската музичка сцена беше голем, сепак мислењата за начинот на избор и учество беше поголем“, додава Попова.

Оваа година, ќе биде променет и начинот на гласање на Скопскиот фестивал со кој ќе се дефинира пласманот на секој од учесниците, со тоа што ќе биде применет евровизискиот модел на гласање по системот на телевоутинг и оценување од страна на меѓународно стручно жири, во сооднос 50-50 проценти.

МРТ информира дека поради периодот на летните одмори, конкурсот за аплицирање за учество на Скопскиот фестивал кој беше отворен до 15-ти јули, ќе биде продолжен до 31 јули 2014-та година.

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради нашето неучество, наши автори и на српскиот избор за Евровизија

Поради откажувањето две години по ред на МРТ од Евровизија нашите композитори својата среќа ја …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!