Почетна / Телевизија / Телма ги враќа цртаните за Том и Џери на телевизиските екрани

Телма ги враќа цртаните за Том и Џери на телевизиските екрани

Цртаните филмови за Том и Џери од понеделник на Телма во 11 часот

 

Од понеделник, на местото на цртаната серија “Пчеличката Маја”, Телма телевизија ќе ја емитува култната цртана серија “Том и Џери”.

Се работи за најпознатата серија на кратки анимирани филмови, создадени од Вилијам Хана и Џозеф Барбера за продуцентската куќа Метро-Голдвин-Маер (МГМ). Серијата е базирана на вечното ривалство меѓу еден домашен мачор (Том) и еден глушец (Џери), чии брканици и тепачки честопати подразбираат насилство прикажано на смешен начин.

 

 

Хана и Барбера напишаа и изрежираа 114 цртани филмови „Том и Џери“ во студиото на МГМ во Холивуд, Калифорнија во периодот меѓу 1940-1958 година, пред одделот за анимација да биде затворен. Оригиналната серија остана запаметена по тоа што беше добитник на 7 Оскари за најдобар краток анимиран филм и го дели првото место по бројот на добиени статуетки во оваа категорија заедно со серијата цртани филмови „Смешна симфонија“ на Волт Дизни. Покрај тоа, запаметена е и по најпознатото и најдолготрајното ривалство во историјата на американската кинематографија. „Том и Џери“ има публика низ целиот свет, серијата ја сакаат и млади и стари. Во 2000 година магазинот „Тајм“ ја вброи оваа серија меѓу најдобрите телевизиски програми на сите времиња. Серијата се прикажува од 10 февруари 1940 година до ден денес. Почнувајќи од 1960 година, како дополнување на првата серија беа издадени нови епизоди, направени во Источна Европа, во продукција на „Рембренд Филмс“, под режисерската палка на Џин Дич. Во 1963 година продукцијата на „Том и Џери“ се врати во Холивуд, овој пат под водство на Чак Џоунс и продуцентската куќа „Сиб-Тауер Твелв Продакшнс“. Оваа серија траеше сè до 1967 година и се состои од 161 епизода. Познатиот мачор и глувчето повторно се појавија во ТВ-цртани во текот на 1970тите, 1980тите и 1990тите години, во продукција на тандемот Хана-Барбера и продуцентската куќа „Филмејшн Студиос“, а потоа и во филмот „Том и Џери”: Филмот“ во 1992 година.

 

 

Том е сино-сив британски долговлакнест мачор кој живее удобен живот. Тој е главниот протагонист, а во исто време и главниот антагонист во приказната. Џери, пак, е мало кафеаво куќно глувче кое е секогаш некаде во близина на Том. Тој е вториот протагонист во приказната. Том е многу избувлив и лесно се лути, додека симпатичното глувче Џери е независно и ја користи секоја шанса што ќе му се укаже. Џери исто така е неверојатно силен за неговата големина, па може да подигне чекан со голема леснотија, а и да ги поднесе силните удари од иститот. Иако е мошне енергичен и решителен, Том не може против паметниот и досетлив Џери. Вообичаено, на крајот на секоја епизода Џери излегува како победник,а Том е прикажан како губитник.

 

 

Но, постојат и епизоди кога Том победува, обично кога Џери е тој што напаѓа или претерува во своето однесување. Понекогаш, пак, и двајцата губат, обично кога Џери ќе се фати во сопствената стапица, откако претходно се фатил и Том. Понекогаш на крајот тие стануваат пријатели, но секогаш нешто се случува и Том пак почнува да го брка Џери. И двата лика уживаат да го мачат другиот, но кога некој од нив се наоѓа во смртна опасност, било да е тоа во некоја опасна ситуација или поради некој трет лик, другиот секогаш го спасува. Во повеќе епизоди е прикажано дека тие можат многу лесно да се сложуваат еден со друг и да соработуваат кога е тоа потребно, обично против трет лик кој ги мачи и понижува и двајцата. Иако пет епизоди завршуваат со наводната смрт на Том, овој лик никогаш сосема не исчезнува. Во епизодата „Дневникот на Џери“ тој дури чита за сопствената смрт.

 

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ААВМУ ја осуди изјавата на Ковачевски во врска со медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ја осудува изјавата на претседателот на политичката …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!