Почетна / Телевизија / Како да се подготвите за на „X FACTOR“ аудиција?

Како да се подготвите за на „X FACTOR“ аудиција?

 

Како да се подготвите за Х ФАКТОР аудиција?
Совети како да оставите добар впечаток

Натпреварувањата за таленти секогаш се одлична прилика да направите пресврт во животот, да станете популарен/на  или можеби да станете ѕвезда. Но, за да се случи такво нешто, навистина треба да имате талент за пеење.  

 

Аудицијата за најголемото музичко шоу „Х Фактор“ ке се одржи во недела (25,08.2013) во Скопје City Mall во киносалите на Cineplexx. Како што знаете, преку ова музичко шоу светска слава постигнаа имиња како One Direction, Leona Lewis и James Arthur. Огромната машинерија и искуство  ветуваат шоу какво што до сега не сме имале прилика да видиме на овие простори, а сериозната продукција и човекот кој стои зад овој формат Симон Коуел, се гаранција дека победникот навистина ќе добие можност и средства да се оствари како музичар и да го изгради своето име на најдобар начин.

 

 

Затоа ако имате пристојни гласовни можности, значи пријатна боја на гласот, слух и музикалност, задолжително дојдете на големата аудиција во недела во Скопје. Во продолжение еве неколку совети како да се подготвите за аудиција и да се прикажете во најдобро светло.

Избор на песна
Во желба што подобро да ги покажат своите гласовни можности кандидатите често бираат песни што го надминуваат  нивниот распон на глас, знаење и способност. Тоа е голема грешка. Луѓето во жирито кои ќе ве слушаат, имаат сосема доволно искуство да проценат што вие можете, а што не, дури и ако не сте покажале се. Важно е одбраната песна да „ви лежи“, да ја сакате, со задоволство да ја пеете и во суштина да можете да ја изведете без поголеми проблеми. Најдобро е да одберете песна која без проблем можете да ја отпеете дури и кога не сте распеани, кога сте малку настинати па дури и кога по грешка ќе ја започнете со друг тоналитет, бидејќи тоа може да се случи на аудиција.

Добро научете ја песната  што ќе ја пеете
Најдобро е да настапите со песна што веќе добро ја знаете напамет. Но, ако бирате некоја нова песна, што порано не сте ја пееле, тогаш научете ја добро во детали. Ќе ви треба најмалку една недела за песната добро да „ви слегне“ ( мелодијата и текстот) и не залажувајте се дека денеска можете да ја научите песната што утре треба да ја пеете на аудиција.  Добро извежбаната песна е првиот чекор кон добрата изведба. Ако не сте сигурни за мелодијата или текстот, значи го правите првиот чекор кон катастрофа.

Не чекајте замислениот бенд да го отсвири својот дел
Најчесто аудициите се организирани така што кандидатите пеат без пратечки бенд. Таквото пеење е тешко, но има и свои предности затоа што не треба да се плашите дека ќе упаднете на погрешно место или ќе излезете од ритамот. За се сте задолжени само вие и вашиот вокал. Немојте ни случајно да пеете така што ќе правите паузи на местата каде што во оригиналната песна свири бендот. Музика нема и затоа не треба да чекате. Продолжете со мелодиската линија и обидете се на најдобар начин да ја доловите целината на песната само со својот глас.

Како да ја погодите интонацијата?
Обидете се најдобро што можете да го меморирате тоналитетот на песната. Идеално е песната да ја отпеете на иста висина како што ја пее пејачот во оригинал. Не е трагично ако почнете за некој тон пониско или повисоко, се додека мелодијата во целина ја отпеете во нов тоналитет. Зависно од вашиот глас, една иста мелодија можете да ја отпеете од разни почетни тонови (висини). Кога веќе бирате песна, би било идеално ( не и задолжително) да ја одберете онаа што можете да ја испеете во оригиналниот тоналитет.  Не имитирајте ги туѓите гласови!

 

Пејте со својот глас без да се обидувате на сила да го измените. Тоа е ваша боја на гласот и не можете да ја менувате. Соживејте се со својот глас, засакајте го, извлечете најмногу што можете од него, но за ништо на светот немојте да ги имитирате другите. На пример, ако вашиот глас звучи како Britney, никако немојте да се трудите да звучите како Amy Winehouse, бидејќи тоа не само што ќе звучи лошо, туку тоа е и најкраткиот пат до упропастување на гласните жици. Затоа не потиснувајте го својот тон, не трудете се на сила да биде рапав или засипнат – опуштете се и пејте со чист и природен ВАШ глас.

Импровизација
Од ова до сега што го прочитавте немојте да заклучите дека единствено е добро да се пее идентично како што пее пејачот во оригиналот. Вашата лична интерпретација е повеќе од добредојдена, но внимавајте, не сметајте на импровизација на лице место што ќе ви дојде како „уметничка инспирација“. Убаво извежбајте ја својата изменета верзија на песната, во спротивно наместо  квалитетна импровизација може да добиете бламирање и фалширање. Импровизацијата е врв на изведбата и ако тоа знаете добро да го правите нашите совети не ви се потребни.

За крај
Не грижете се премногу и бидете опуштени. Тоа сепак е само игра и една од бројните шанси што ќе ги имате во животот доколку навистина имате талент. Верувајте во себе, ослободете се од стравот и ако нешто непредвидено се случи, насмевнете се шармантно и продолжете. На крајот на краиштата, како што викаше една прекрасна професорка по пеење: „ Кој не е за 5 мин. брука, тој не е за пејач“!

Среќно!

Минатата година победникот на Х Фактор  во Велика Британија James Arthur ја испеа “Impossible” од Shontelle. Многумина се согласија дека неговата изведба е подобра од оригиналната. Еве го видеото:

 

 

 

 

| ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алфа телевизија вработува новинари со и без работно искуство

ТВ Алфа има потреба од новинари и репортери, со и без искуство. Заинтересираните кандидати да …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!