Почетна / Телевизија / Закани со пиштол во просториите на Пинк 15!

Закани со пиштол во просториите на Пинк 15!

Поранешните вработени во Пинк 15 телевизија го исполнија своето ветување. Денеска околу 12 часот пред Амбасадата на Србија во Македонија новинарите што беа измамени од Пинк 15 одржаа прес-конференција, и ја обелоденја вистината за големите измами и манипулации на раководството на Пинк 15.

 

Информациите што ни ги испратија новинарите велат дека телевизијата го прекинала емитувањето на програмата пред да биде донесена и објавена одлуката на Советот за радиодифузија за одземање на лиценцата и прекин на програмата. Додаваат дека ноќта на 10-ти мај, четврток, екипа луѓе од Белград влегле во просториите на Пинк 15, и зеле дел од опремата, го прекинале сигналот за емитување, а вработениот во режијата го испратиле дома. Дури утредента Советот за радиодифузија ја донесе одлуката за одземање на дозволата за работа на Пинк 15 телевизија.

Неприфатливо е тоа што сопственикот, Жељко Митровиќ, со месеци наназад ветувал дека телевизијата ќе закрепне и ќе биде исплатен дел од долгот на вработените и хонорарците до 1-ви мај, но ништо од тоа не било реализирано. Тој неодамна дури и се појавил во просториите на Пинк 15 во Скопје на состанок со вработените со цврсто ветување и точно определени рокови за исплата на долгот кон вработените. Но, ни тоа не е испочитувано.

Од основањето на Пинк 15 до денес, исплатата на платите константно доцнела најмалку 5 месеци, за сега да достигне долг од 8 неисплатени плати. Истовремено, фактот што, иако вработените се пријавени, платите за јуни, јули и август 2011-та година биле прескокнати, односно последните исплатени плати биле за октомври и ноември 2011-та година, укажува на грубо прекршување на законите во Република Македонија.

За 3 последователно неисплатени плати, надлежните институции во државата се должни да реагираат, но тоа не се случи. Во повеќе наврати доаѓале инспекции, но и тоа не вродило со резултат, па вработените се прашуваат зошто институциите на државата повеќе од една ипол година го толерираат таквото работење на овој медиум и не интервенирале навреме.

“Известени сме дека фирмата нема пари на сметката, иако од изводот во Централниот регистар се гледа дека сопственик на ТВ Пинк 15 е Пинк Интернационал, со седиште во Белград, кој вложил основен влог од околу 40.000.000 денари, пари на кои им се губи трагата и не знаеме каде исчезнале. Исто така, сакаме да ве известиме дека раководството и менаџментот на фирмата беа крајно незаинтересирани за обезбедување реклами, за што сведочат повеќето одбиени клиенти, како и за правење и емитување програми на македонски јазик, за што беа обврзани со постоечките закони во државата. За тоа сведочат поголем број отпуштени новинари кои требаа да бидат екипа во информативната програма на македонски јазик”.

Ни открија и дека Пинк 15 во текот на своето постоење постојано го менувала името на фирмата, а сметките во банките речиси постојано биле блокирани. Сето тоа упатува на сомнително работење.

“За непрофесионалноста и крајниот дилетантизам во работењето на ТВ Пинк 15 зборува и самоволието на одделни луѓе, инаку вработени во Пинк Србија, на кои им е дозволено шокантно однесување во просториите на телевизијата и заканување со пиштол на еден од вработените, за што ја информиравме и полицијата. Поради истиот господин, филмски беа приведени во полиција и двајца вработени, инаку во случајот статисти во “Скриена камера”, за чие што не ги извести надлежните лица во Република Македонија”, велат вработените.

За нив спорно и крајно лицемерно е што од раководството на Пинк 15, само два дена пред згаснувањето на телевизијата, биле известени дека е постигнат договор за купопродажба на дел од Пинк 15, со што би била подобрена финансиската состојба на фирмата. Само по два дена, телевизијата се затворила. Дрскоста на челните луѓе на Пинк 15 отишла дотаму што 24 часа пред оваа конференција за новинарите, им било понудено да прифатат исплата на 3 плати до наредниот петок, а за возврат да не се одржи денешната прес-конференција, со закана дека доколку ја одржат, нема да ги добијат ни тие пари.

 

 

Поради сето ова, но пред се, поради крајна несериозниот, нечесен и манипулаторски однос кон вработените во Пинк 15, новинарите го изразија револтот и барањето до директорката на Пинк 15, Симонида Кажиќ и сопственикот Жељко Митровиќ да им бидат исплатени осум неисплатени плати и да им се регулираат придонесите во согласност со законските регулативи на државата, како и исплата на хонорарно вработените.

“Наедно, доколку во соодветен рок не ни се исполнат барањата, најавуваме прес-конференција и протест и во Белград, пред зградата на ТВ Пинк“, соопштија вработените на затворената телевизија на денешната прес-конференција.

 

 

 

Chris | ТВ Пакет


МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ацо Кабранов: Во Канал 5 примав 60.000 во плико на рака

Доскорешниот уредник на 1ТВ Ацо Кабранов во пост на Фејсбук обзнани дека додека работел во …

error: Содржината е заштитена!