Почетна / Живот / Охрид СОС: Поразителна одлука на 44. Седница на Комитетот на УНЕСКО

Охрид СОС: Поразителна одлука на 44. Седница на Комитетот на УНЕСКО

Исклучителните универзални вредности го засегаат човештвото во целина и грижата за тие вредности е одраз на цивилизациски напредок. Оттука, злосторствата против исклучителните универзални вредности се злосторство против човештвото. Тоа не смееме да им го дозволиме!
На 44. Седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, македонските власти повторно добија дозвола за уништување.


Авторот на фрапантните измени на стручната одлука за Охридскиот Регион беше лобираната Босна и Херцеговина. Сигурен партнер, лојален веќе втора седница по ред, зашто корумпираните влади си се разбираат. Босна и Херцеговина беше поддржана од Руската федерација, Унгарија, Кина, Шпанија, Саудиска Арабија и Египет. Аргументот на претставникот на Босна и Херцеговина беше дека: „со поместувањето на Листата на светско наследство во опасност само ќе ги демотивираме“. Зарем може да се демотивираат повеќе? Па ако македонските институции и власти беа мотивирани за заштита на Регионот, немаше воошто ни да дојде до тоа на две последователни седници на УНЕСКО да се бара впишување на Охридскиот Регион на листата на загрозени наследства. Она што гледаме дека ги мотивира се интересите на урбаната мафија и лажирањето
– замајувањето на јавноста со продуцирање документи и минимален, спорадичен, најчесто стратешки
кампањски ангажман на терен, толку колку да има што да се напише во бедните 30 страници (сосе слики) до Центарот за светско наследство. Да беа мотивирани, енергијата која ја трошат на убедување да добијат дозвола за уништување, ќе ја пренасочеа на одлучна акција за справување со заканите кои го доведуваат во прашање опстанокот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
Грижата, и целиот товар на исполнување на обврските кон УНЕСКО кои беа многу јасни уште од 2017 година, се исклучиво на македонските власти и македонските институции. Ова владејачко мнозинство имаше и време и имаше можност досега (ако сакаше) да направи комплетен пресврт во управувањето со Регионот. Ама парите и моќта беа послатки. Конечниот текст на Одлуката не го знаеме бидејќи на денешната седница беше презентиран само фрагмент пред да биде усвоена. На тој начин, иако седниците на Комитетот се пренесуваат во живо на интернет, на јавноста ѝ беше ускратено правото да знае што всушност Комитетот усвои, освен тоа дека Охридскиот Регион нема да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Охрид ЅОЅ имаше можност да се обрати само 1 минута (скратена од првично дозволените 2 минути) и тоа само откако одлуката беше усвоена, правило кое се наметна на оваа Седница.


Одлуката на Комитетот не изненади, особено ако се следеа дискусиите за други добра кои беа предложени да се стават на листата на светско наследство во опасност или комплетно да се избришат од листата на светско наследство. Комитетот, составен од политички номинирани претставници, покажа исклучителна непрофесионалност скриена зад маската на куртоазната дипломатичност, па своеволно ги менуваше одлуките на експертските тела на УНЕСКО до степен што сериозните предупредувања за критична загрозеност на исклучителните примероци на природно и културно наследство, произволно се преиначуваа во банални фрази на пофалба и охрабрување за државите. Делегациите повеќе наликуваа на 2 навивачка клупа наместо на кредибилно тело. Како резултат на тоа, и покрај несоодветната реставрација и урбанизација на Катманду, по петти пат не беше ставен на листата во опасност; проекти или веќе изградени брани, рудници на ураниум, експлоатација на нафта во Резерватот Селус во Танзанија, стручни оценки за потврдена закана и деградација на исклучителната универзална вредност, беа сменети во потенцијални закани кои можеби и нема се случат, дури и со изградба на 4 брани во Шумскиот резерват Сандарбанс во Бангладеш. На иста линија, за Охридско Езеро, старите градски јадра, културното наследство, природата на регионот, не треба да се преземаат никакви посебни мерки иако Центарот за светско наследство утврди дека  тие што се презеле се недоволни, а поголемиот дел ниту се презеле, а доколку бидат – потребни се значителни
здружени напори во текот на долг временски период.


Делегациите одеа до таму што упорно ги туркаа своите агенди дури и кога експертите на ИУЦН и ИКОМОС буквално велеа, со измените, заклучоците во одлуките се „фактички неточни“. Од сите  делегации годинава, главно таа на Норвешка беше осамен воин кој единствено се бореше за светското наследство. Скоро сите други беа таму за нешто друго. Делегатите на Комитетот за светско наследство очигледно сметаат дека се таму не за да го штитат светското наследство, туку владите на земјите кои сакаат истото да го експлоатираат по секоја цена, па и по цена на негово комплетно уништување. Така 44. Седница на УНЕСКО се сведе на фарсична парада на медиокритети, опортунисти и политички искомпромитирани фигури. Со ваквото работење, делегациите сериозно го доведуваат во прашање кредибилитетот на институцијата која ја претставуваат, на УНЕСКО воопшто. И наместо да носат  одлуки согласно со Конвенцијата за светско наследство, работеа во интерес на крупниот капитал и владите кои го загрозуваат и масакрираат светското наследство за акумулирање профит и моќ. На овој начин, владите си купуваат дозвола за уништување на сопственото светско наследство –  бескрупулозно профитираат од јавното и го третираат како да е нивна приватна своина. Конвенцијата за светско наследство, која државите потписнички се согласиле да ја почитуваат,  наметнува обврска за заштита и зачувување на скапоцените природни и културни добра кои нивните земји имале среќа да ги имаат.
Согласно со тоа, обврската на Комитетот нужно вклучува објективна проценка во склад со утврдената состојба од страна на стручните тела на УНЕСКО и носење одлуки кои ќе бидат одраз на принципите на кои Конвенцијата се темели. Но, тоа не е веќе одлика на Комитетот. Комитетот и по пропуштање на сите досегашни рокови, и од 2017 и од 2019 г., одлучи на македонските власти да им даде дозвола за дополнително уништување на Охридскиот Регион. Ваквиот застрашувачки компромитиран Комитет делува разочарувачки и праќа јасна порака дека
светското наследство не е во вистински раце за неговата деградација да биде сопрена. Нивното злодело е непростливо затоа што исклучителните универзални вредности го засегаат човештвото во целина и грижата за тие вредности е одраз на цивилизациски напредок. Оттука, злосторствата против исклучителните универзални вредности се злосторство против човештвото. Тоа не смееме да им го дозволиме!

Со почит,
Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅО

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

24. Моден Викенд Скопје води на пат кон кружна иднина

Дваесет и четвртата сезона на најголемото модно случување во земјата, овојпат e во знакот на …

error: Содржината е заштитена!