Почетна / Живот / Објавена студија на Дејан Ајдачиќ за бајките за љубовта на Прокопиев

Објавена студија на Дејан Ајдачиќ за бајките за љубовта на Прокопиев

Најновата книга книжевни истражувања „Одблесоците на словенската фантастика” на Дејан Ајдачиќ, во издание на српската издавачка куќа „Алма”, е произлезена од повеќемесечниот истоимен проект за толкувања на фантастиката во современите словенски литератури. Една од поопсежните студии во проектот (книгата) е посветена на збирката раскази „Човечулец” на македонскиот писател Александар Прокопиев, односно ракажувачкиот третман на љубовта во ова дело. Дејан Ајдачиќ е автор на бројни дела од областа на теоријата на книжевноста, фолклорот и етнолингвистиката, професор на Националниот универзитет во Киев (Украина) и на Филолошките факултети во Лоѓ и Гдањск (Полска).

Ајдачиќ минуциозно и исцрпно ги анализира бајките од левиот џеб на Прокопиев, преплетувањата на чудесата на минатото и реалните хронотопи на современието, што наспроти отклоните од поетиката на бајката, не ја нарушува нејзината смисла и течење, туку ја богати со додатни значења. Ајдачиќ го нагласува ироничното сенчење на психолошките црти кај ликовите на Прокопиев, што не водат кон пародирање на бајката, туку кон продлабочување и потрага по нивните подлабоки и скриени емотивни слоеви. Се анализираат одделни неколку раскази од книгата за љубовта, каде се допираат или се бришат границите меѓу реалното и фантастичното што, според Ајдачиќ, се разликуваат од односот меѓу чудесното и стварног во бајките од кои што писателот поаѓа.

Во поглавјата „Во сенката на Петар Пан”, „Ловецот – отфрлениот љубовник”, „За грдоста – Човекот со едно крило – царот на орлите”, „Преобразбите на жената – мачка”, нагласува дека расказите-бајки на Прокопиев ги содржат сознанијата и менталитетот на градскиот човек на нашето време. „Прокопиев раскажува помалку за љубовта, а повеќе за љубовната зависност. Измените што ги внесува во своите ренарации ги задржуваат елементите на бајката, но бајките осенчени со минливост, со животот што не е бајковит, осенчен со безчувствителност или со амбивалентни чувства. Прокопиев внесува еротични елементи во мотивациите на своите јунаци, осветлувајќи го и тој аспект на нивниот однос кон љубовта”, пишува Ајдачиќ.

Инаку, збирката раскази „Човечулец” на Прокопиев, објавена 2011 година, и преведена досега на повеќе јазици (меѓу кои и на англискиот, и на арапскиот), и натаму предизвикува книжевни обмислувања и анализи кај странските проучувачи на современата литература.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Апел – На Енис Растодер му треба помош за лекување во Турција

Енис Растодер (17) од Скопје  е момче на кое што му е потребна помош за …

error: Содржината е заштитена!