Почетна / Сапуници / Интервју со Емир од „Ветување“: За мојот лик доаѓа тешка драма!

Интервју со Емир од „Ветување“: За мојот лик доаѓа тешка драма!

Ѓокберк Демирчи е 30 годишен турски актер кој го следиме во улогата на богатиот протагонист Емир во турската романтична сапуница “Ветување” на Канал 5. Прочитајте што сподели актерот во своето последно интервју за турските медиуми.

Има малку информации за вашата биографија на Интернет. Кој е всушност Ѓокберк Демирчи?
– Роден сум на 20 октомври 1989 година во Измит од татко, воено лице и домаќинка. Имам брат, нашата разлика е 6 години. Љубител на животни сум уште од дете, а како дете бев и голем фанатик за спорт. Во 2011 година, го завршив воениот рок во Ван.

Како ја одбравте актерската професија?
– Ми понудија епизодна улога во серијата “Османлиски времиња” (емитувана на македонски Клан), а ангажманот беше за неколку сцени. Ми звучеше како добра идеја и си реков „зошто да не“ … многу спонтано. Беше забавно и навистина ми се допадна, открив нешто поразлично за мене. Успеав да се вклопам во улогата и брзо го запамтив сценариото. Сакав да продолжам и еве ме денес …

Во моментов глумите во една од најпродаваните турски серии – „Ветување“. Дали славата Ве плаши?
– Не мислам дека славата е страшна за да се плашам. Човек прво мора да се плаши од себе. Што се однесува до прашањето – не, не се плашев, дадов сè од себе. Не сакам да излезе дека се потпирав само на среќата, бидејќи всушност вложив многу труд.

„Ветување“ е првиот проект во кој публиката ве дочека со восхит и воодушевување …
– “Ветување” е многу посебен проект за мене. Имав многу среќа со оваа серија и му благодарам на Бога за шансата што ми ја даде. Ние сме во голема кохезија со моите колеги, кои можам да ги наречам и мои пријатели, и тоа може да се види на екранот. Ние не играме само, ние ја доживуваме оваа приказна.

За разлика од повеќето други турски серии што се емитуваат еднаш неделно, „Ветување“ се емитува секој ден. Како се справувате со темпото на снимање на епизоди?
– Навистина е премногу брзо и напорно. Но, како вистински професионалци мора да се жртвуваме – семејство, дом, спиење … Секоја работа има свои потешкотии, нема начин.

Турција на пролет беше во вонредна состојба поради коронавирусот. Многу серии беа одложени, но „Ветување“ остана на екранот со нови епизоди. Кои мерки на претпазливост ги преземавте на сетот?
– Всушност, направивме кратка пауза за време на пикот во март и потоа ја завршивме сезоната, иако порано отколку што се очекуваше поради пандемијата. Во дневната серија задолжително е да се биде на сет секој ден, бидејќи се даваат 5 епизоди неделно. Благодарение на фактот што имавме снимки за подолг период, емитувањето продолжи додека бевме дома под карантин.

Емир е еден од најпопуларните ликови во турските серии во моментот. Кој е фидбекот од фановите за вашата глума?
– Гледачите нè прифаќаат како членови на нивните семејства, ја доживуваат секоја сцена со нас, наоѓаат дел од себе во ликовите. Секој ден ја гледам љубовта на фановите и сум исклучително среќен.

Гледачите се фасцинирани од хемијата помеѓу Рејхан и Емир и нивната љубовна приказна. Која е причината што оваа двојка е толку успешна?
– Покрај тоа што направивме сè што е можно во актерскиот дел, јас и Озге (Рејхан) дадовме многу од себе за да изгледаме автентично на малите екрани. Се споивме и приватно со душата.

Озге Јаз реши да го напушти „Ветување“ по крајот на втората сезона. Кој ќе биде патот на Емир по Рејхан? Како ќе се одвива приказната?
– Да, за жал, тоа е! Сè уште не сум се навикнал на отсуството на Озге од серијата. Ми недостига, но она што можам да откријам е дека  доаѓа многу тежок период за Емир, нè чека тешка драма. Но, од друга страна, животот продолжува и е полн со изненадувања. Да видиме што ќе покаже времето …

Дали се сеќавате на вашиот најнезаборавен ден на сетот на „Ветување“?
– Верувајте ми, секој ден е убав, посебен и незаборавен! Комплетна авантура …

Со „Ветување“ направивте важен чекор во вашата кариера. Дали планирате да се вклучите во нови проекти или гледачите ќе продолжат да ве гледаат само како Емир?
– „Ветување“ ми отвори многу врати. Но, сè во свое време – некогаш оваа серија ќе заврши. Се надевам дека ќе бидам вклучен во проекти во иднина што ќе ме одведат понатаму. Но, засега продолжувам во третата сезона повторно како Емир.

Кои се вашите цели?
– Професионално – мојата кариера успешно да се развива. Ништо не е загарантирано, никој не може да го види својот пат напред. Но, се надевам дека со вистинските чекори, вистинските луѓе и проекти ќе останам во оваа професија што ја сакам.

Кои се трите работи од кои не можете да се откажете?
– Моето семејство, тивкиот живот, вистината и … антиквитетите – нека има 4!

Што би им посакал на своите обожаватели ширум светот?
– На сите им посакувам здравје! Во овие тешки денови мора да поминеме повеќе време со своите најблиски и да не го занемариме нашето здравје. Животот вреди да се живее! Животот го заслужува нашето ВЕТУВАЊЕ дека ќе го живееме.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денес не смее, но порано и во турските серии имало „скокотливи“ сцени

Ако во денешно време, Турската радиодифузна агенција забранува секаков вид на сцени во кои се …

error: Содржината е заштитена!