Преку Индексот на отвореност за 2026 година, Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција изработија Процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Република Северна Македонија. Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа и дава преглед на нивните вкупни перформанси, придружен со патоказ од препораки за унапредување на состојбата. Истражувањето беше спроведено во периодот од 1 февруари до 30 јуни 2026 година.

Во споредба со 2025 година (40%), во 2026 година просекот на отвореност изнесува 39%, што претставува благо намалување од 1 процентен поен. И покрај позитивните примери кај одделни општини, овој резултат покажува дека локалната самоуправа и понатаму се соочува со значителни предизвици во воспоставувањето системски и одржливи практики на добро владеење.
Во 2026 година, наодите од Индексот на отвореност покажуваат дека најотворена единица на локалната самоуправа повторно е Крива Паланка (73%), по која следуваат Берово (69%), Демир Хисар (68%), Битола, Делчево и Кочани (67%), Велес (65%), Карпош (64%), Гази Баба (61%), како и Кавадарци, Кичево и Гевгелија (58%). Најдолу на ранг-листата се Студеничани и Лозово (8%), а со малку подобри резултати од нив се Боговиње (11%), Сопиште (13%), Врапчиште (14%), Чучер Сандево (16%), Чаир (18%) и Шуто Оризари (19%). Разликата од 65 процентни поени помеѓу најдобро и најслабо рангираните општини укажува на изразени нееднаквости во примената на принципите на добро владеење на локално ниво.

И во 2026 година единиците на локалната самоуправа имаат највисока просечна оценка во областа транспарентност (47,8%), иако таа е намалена во однос на 2025 година (49%). Следува интегритетот со 40,1%, што претставува мало подобрување, додека пристапноста изнесува 33,6% и бележи благо влошување во однос на 2025 година (34%). Најниска просечна оценка и понатаму има областа свесност (26%), иако е забележано минимално подобрување во однос на претходното мерење (24%). Овие резултати покажуваат дека локалните самоуправи во 2026 година не успеале да воспостават тренд на раст.

Индексот ги оценува перформансите на локалната самоуправа во областа на доброто владеење преку четири начела:
(1) транспарентност се однесува на политиките, активностите и мерките што ЕЛС ги презема за да ги информира своите граѓан(к)и за својата работа,
(2) свесност се однесува на квалитетот на планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на политиките што се спроведуваат од страна на локалните власти,
(3) пристапност се однесува на начинот на којшто локалната самоуправа комуницира и ги вклучува граѓан(к)ите при одговарањето на нивните барања и задоволувањето на нивните потреби,
(4) интегритет се разгледува во функција на конзистентното придржување кон етичките вредности, начелата и нормите што имаат за цел приоретизирање на јавниот интерес во однос на приватниот.
Воедно, низ сите четири начела се анализира еден заеднички домен – отворени податоци.

Генералниот заклучок од Индексот на отвореност во 2026 година е дека единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија имаат ниско ниво на отвореност со просечна отвореност од 39%. Најдобри резултати локалните самоуправи постигнуваат во областа транспарентност (47,8%), додека најслаби се во областа свесност (26%). Иако промените по одделни области се релативно мали, намалувањето кај транспарентноста и пристапноста загрижува бидејќи овие области имаат директно влијание врз информираноста на граѓан(к)ите, нивното учество во локалното одлучување и јавната отчетност. Резултатите повторно потврдуваат дека степенот на отвореност не зависи исклучиво од големината на општината, бројот на жители или расположливите финансиски ресурси, туку во голема мера од институционалната посветеност, воспоставените внатрешни процедури, активното раководење и проактивното објавување информации. Кај дел од ЕЛС и понатаму се присутни подолги периоди без ажурирање на веб-страниците, нецелосни информации или нефункционални секции, како и недоволна достапност на информациите на сите службени јазици. Значителен број документи недостасуваат, не се редовно ажурирани или се објавуваат во формати што ја ограничуваат нивната употребливост, а потребно е што повеќе податоци да се објавуваат во отворен формат. За суштинско подобрување е потребен системски пристап, јасно дефинирана одговорност за ажурирање на информациите и континуирано вложување во транспарентноста, отчетноста и вклучувањето на граѓан(к)ите.
Со цел да се подобри отвореноста, во рамките на процената се препорачува единиците на локалната самоуправа да:
• воведат внатрешни процедури за навремено објавување на сите информации поврзани со остварувањето на нивните надлежности, редовно да ги ажурираат веб-страниците и да обезбедат функционалност и достапност на информациите на сите јазици што се во службена употреба во ЕЛС;
• проактивно и директно на веб-страниците да ги објавуваат сите информации кои произлегуваат од нивната работа, работата на градоначалникот/чката, советите и нивните работни тела и комисии, како и јавните претпријатија, вклучително и годишните програми, извештаи, буџети, јавни набавки, податоци за финансирање проекти, вработувања, плати на функционер(к)и и надоместоци на советници/чки;
• да креираат и објавуваат стратешки и програмски документи на локалната самоуправа кои содржат јасно дефинирани цели и резултати, со буџетски импликации и индикатори за мерење на резултатите, како и редовно да објавуваат извештаи за нивната реализација;
• однапред да ги планираат и да ги направат предвидливи процесите на креирање политики преку објавување годишни календари за планирани консултации на интернет-страниците. Потребно е редовно објавување повици за јавни консултации и расправи, како и детални извештаи по консултациите со коментари и одговори. Истовремено, потребно е што е можно повеќе податоци да се објавуваат во отворен формат и податочните сетови да бидат достапни и на веб-страниците на ЕЛС и на националниот Портал за отворени податоци.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
