Освен враќањето на Македонија на најголемиот музичко продукциски настан во светот – Евровизија, МРТ во наредниот период планира и многу промени кои ќе претстават една поинаква слика за земјата и за гледачите кои растеле со сјајот на програмите на нашата Македонска радиотелевизија.

За старт, освен сѐ поизвесното враќање на Македонија на Евросонг, следува и комбинација на утринската радио и тв програма, односно сегмент oд телевизиската утринска програма ќе опфати дел и од радио утринската. Омиленото утринско радио-шоу конечно добива своја слика.

„Звук што се гледа“ е нов проект кој ги урива границите помеѓу радиото и телевизијата. Од вторник, 26 мај со почеток од 07:30, утринската на Радио 2 влегува директно во вашите домови преку Македонската телевизија.

Се планира и да се интензивира процесот на технолошка модернизација и приближување на МРТ кон младата публика преку современи, динамични и дигитално прилагодени содржини и платформи, во согласност со новите насоки и стратегии на ЕБУ.

Во план е изградба на модерен, функционален и повеќејазичен веб-портал, зајакнато присуство на социјалните медиуми, како и формирање и развој на посебна дигитална редакција која ќе овозможи современ пристап до програмските содржини.

Богатата видео и аудио архива на Македонската радио-телевизија, која претставува непроценливо историско сведоштво за изминатите 40 години, конечно ќе биде дигитализирана. По примерот на европските национални сервиси, се планира дигитален простор, своевиден „македонски Нетфликс“, каде преку еден клик ќе бидат достапни содржините на МРТ, но ќе се овозможи простор и за други телевизии и поткасти.

МРТ започнува сериозна офанзива за регрутација на нов кадар. Нови новинари, нови репортери, во соработка со стручни едукатори кои ќе ги внесат младите генерации во светот на вистинската телевизиска работа пред камера.

Како еден од приоритетите во наредниот период, за новиот менаџмент е потребата од подобрување на условите за работа и создавање посоодветна работна средина за вработените, имајќи ги предвид различните професионални и организациски предизвици со кои се соочува институцијата.

Исто еден од приоритетите во однос на програмата е воспоставување појасна, поконзистентна и долгорочно одржлива програмска структура и програмски концепт на јавниот сервис, со цел унапредување на организацијата и препознатливоста на програмските содржини на МРТ.

Набрзо се враќаат и детската радио драма и детскиот хор, а за следни новости во визуелниот идентитет и програмската шема, останете така и бидете секогаш информирани со нас.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
