Почетна / Вебновела / Одмазда – љубов и смртна казна (31. продолжение)

Одмазда – љубов и смртна казна (31. продолжение)

Енцо погледна на својот рачен часовник. Беше скоро па полноќ. Естер најверојатно веќе го чека на договореното место, помисли и излезе од својата соба. За негова среќа Кристина веќе спиеше на каучот во дневната просторија, па немаше потреба да и објаснува каде ќе оди во таа доба. Излезе од бараката, речиси незабележително. Кристина инстантно ги отвори очите кога нејзиниот брат замина. Стана од каучот и ја слече ноќницата под која носеше фустан за излегување. Чекаше само соодветна прилика да излезе. Под кебињата настава перници како маска во случај да се разбуди Марија Грација и да не забележи дека ја нема. Ја поправи косата пред огледалото и како фурија истрча надвор.

 

Одмазда – љубов и смртна казна

Продолжение 31 – „Вистината“

 
Енцо погледна на својот рачен часовник. Беше скоро па полноќ. Естер најверојатно веќе го чека на договореното место, помисли и излезе од својата соба. За негова среќа Кристина веќе спиеше на каучот во дневната просторија, па немаше потреба да и објаснува каде ќе оди во таа доба. Излезе од бараката, речиси незабележително. Кристина инстантно ги отвори очите кога нејзиниот брат замина. Стана од каучот и ја слече ноќницата под која носеше фустан за излегување. Чекаше само соодветна прилика да излезе. Под кебињата настава перници како маска во случај да се разбуди Марија Грација и да не забележи дека ја нема. Ја поправи косата пред огледалото и како фурија истрча надвор.

Куќата на тетка Кармен беше полна како и секоја вечер во текот на неделата. Спуштени, тешки завеси на прозорците, многу чад од цигари, мирис на рум и вотка, провокативни девојки кој танцуваа за своите гости, напалени мажи кој со полни џебови бараа мала утеха и задоволство далеку од своите домови. Антенор ја изгасна својата цигара и ја допи последната голтка пиво од криглата. Стана од шанкот и погледна кон масата во аголот на која Рикардо Кастењон не можеше да го тргне својот јазик од деколтето на една од девојките.
– Господине Рикардо, мислам дека е време да се вратиме на фазендата, – му се обрати, бидејки му беше наложено од својот газда да не го остава сам, а веќе го фаќаше дремка.
– Престани да ми кажуваш што да правам, Антенор, – промумља Рикардо, кој имаше испено многу повеќе одошто неговото младо тело можеше да истрпи. – Еве ти пари и оди почасти се уште едно пиво.
Покорниот слуга немаше право на протест, освен да ги земе парите и да се врати назад на шанкот. Немаше доволно пари да си плати курва, но барем ќе можеше да ја навали главата и да отспие една на шанкот.
Кристина се појави спектакуларно на предната врата. Со широка насмевка и големо деколте. И недостасуваше звукот на чашки кои наздравуваат, на коцки кои удираат една во друга пред да бидат фрлени.
– Добра вечер, – ја поздрави газдарицата на локалот.
– Види што донел ветрот, – рече Кармен, гаснејки ја цигарата. – Кристина.
– Кристина, убавице моја, – крикна Рикардо кога ја здогледа . – Дојди и придружи ни се.
– Веднаш доаѓам, кукле мое, – рече сласно, пријде до масата и со едната рака буквално ја турна девојката од меѓуножјето на Рикардо, правејки си место само за себе.

Енцо стоеше под дебелиот храст, покрај фонтаната во чија вода рефлектираше сјајот на месечината, чекајки ја жената која му ги крадеше ноќите, мислите и умот од кога ја сретна. Со врвот на окото забележа светлина како претрчува преку пампата, како светилка во ноќта која краси со својата жолта светлина. На себе носеше црн мантил со качулка за да не биде препознаена, а во раката фенер кој и го осветлуваше патот. Се насмевна широко кога дојде до него, но благата насмевка на неговото лице се претвори во агонија кога таа ја извади качулката од својата глава. Не беше неговата сакана Естер. Беше нејзината ќерка Елиса.

Кристина го довлече младиот Кастењон во една од собите на катот во борделот. Тој одвај се движеше по ходниците, беше толку пијан што не можеше да направи чекор а да не се препне. Таа го спушти на креветот, посегна по кибритот и запали неколку свеќи. Набрзо светлината ги осветли старите пожолтени тапети, масичката со бокал вода и креветот со црвена постелнина на која со раскопчана кошула лежеше младиот и потентен Рикардо. Сакаше да каже нешто, но таа не му дозволи…
– Шшш…обиди се да останеш мирен, убавецу, пред да ти се слоши.
– Татко ќе ме убие, – повторуваше како во делириум. – Татко ќе ме убие…
– Да , но не можеш да се вратиш на фазендата во ваква состојба. Мораш да отспиеш. Ајде. Мирен…
Не требаше многу за да заспие. Доволно беше да ја потпре главата на јастукот и да потоне во длабок сон. Кристина ѓаволски се насмевна. Посегна по торбата која Рикардо не ја испушташе од своето рамо цела ноќ. Сигурно е полна пари, помисли. Превентивно ја затвори вратата од собата, повторно погледна кон креветот да се осигура дека Рикардо спие. Ја отвори кожната торба. Како што можеше да претпостави беше полна со пари. Почна да го полни градникот со книжни банкноти…и одеднаш, со рацете напипа хартија. Документи во папка. Сигурно се неважни, помсили но сепак не можеше да остави а да не фрли око за што се работи. И имаше што да прочита во нив…

Како влезен во лош сон, Енцо не можеше да си поверува, дури помсили дека и очите го лажат кога светлината на фенерот го осветли ликот на младата Елиса.
– Госпоѓице Елиса, ова не е пристојно време за да излегувате вон куќата.
– Знам, – рече таа со трепет во гласот.
– Тогаш, вратете се дома.
– Морав да те видам, Енцо.
И тогаш се му стана јасно. Тоа анонимно писмо кое го доби утрото под прагот на вратата, не беше од Естер. Беше од нејзината ќерка. Од Елиса, која сега стоеше пред него со сјај во очите и румени образи.
– Вие го напишавте…
– Да, – го прекина таа пред тој да ја доврши реченицата. – Јас ја пратив пораката. Но, не грижи се, никој не знае дека сум тука.
– И зошто ми пишавте?
– Бидејки…секој пат кога сум близу тебе, чуствувам нешто што никогаш претходно не сум го чуствувала за друг маж…
– Не, – рече тој, враќајки се чекор наназад, како да бегаше од ѓаволот. – Простете госпоѓице Елиса, но вие сте збунета. Најдобро е да се вратите дома. Ако сакате ќе ве испратам за да не одите сама по пампата.
– Очекуваше да дојде друга личност на мое место?, – го праша, но повеќе беше како провокација.
– Госпоѓице Елиса…
– Која мислевте дека ќе дојде на мое место?
– Никој, јас само не очекував да Ве видам вас, далку од фазендата, на полноќ…
– Подобро да си одам, – рече таа, издишувајки се.
– Дозволете ми да ве испратам.
– Не, – го одби грубо и со повишен тон. – Остави ме сама!, – се одбрани како мачка со своите канџи и потрча кон куќата.

Кога Енцо се врати назад во бараката, забележа чуден облик на каучот каде што претходно спиеше Кристина, па ја тргна прекривката и забележа куп јастуци на местото на својата сестра. Реши да ја чека до колку е потребно, но ќе мора да рагзовара со неа. Додека седеше сам во ноќта, со отворен прозорец преку кој допираше свирката на штурците, помсили на Елиса. Кутрата девојка мораше да е многу повредена штом така замина. Но што можеше да и вети на девојка која е дупло помлада од него?! Ноќ полна страст? Елиса не беше таква. Освен тоа, беше ќерка на Естер, жената која му ги крадеше сите воздишки откако ја запозна.
Престана да размислува на таа тема кога слушна чекори. Кристина се прикрадуваше во бараката, внимавајки да не зачкрипат шарките на вратата.
– Каде беше до сега?, – ја праша, палејки ја ламбата на масичката до него.
– Енцо…Ме преплаши до смрт. Бев на прошетка, да ме фати малку воздух.
– Зошто тогаш си ја маскирала постелата?
– За да не забележите дека ме нема па да испаничите.
– Ме лажеш, Кристина. Мирисаш на ефтин рум и тутун.
– Што? Да не треба да барам дозвола од тебе да излегувам?
– Зошто мораш постојано да лажеш?
– Енцо, гледај, – таа сметаше дека е идеално време да му ги покаже тапиите кои беа одличен изговор за нејзината посета во борделот. Ги извлече хартиите со подвиткани рабови од потсуќната и му ги врачи на својот брат. – Кога ќе прочиташ што пишува тука ќе ми бидеш вечно благодарен.
Тој посегна по тапиите. Најпрво читаше незаинтересирано, несвесен од колкава важност е документот кој го имаше в раце. Но како текстот стануваше појасен, така неговите зеници се побрзо шараа по хартијата.
– Оваа земја е на име на нашата мајка?

Денот сеуште не беше роден, кога Марија Грација се извлече од постелата. Антенор не беше на својата страна на креветот. Не беше прв пат да не спие дома, но никако не можеше да и биде сеедно. Пред да излезе од бараката, забележа дека Кристина спокојно спие на каучот. Го наметна шалот преку рамениците и претрча преку пампата низ скратениот пат. Ги истрља дланките кога влезе во кујната на хациедата и веднаш појде до печката за да го запали огнот.
Ги сакаше своите утрински ритуали и не можеше да се замисли без нив да пројде денот бидејки истите ги правеше веќе со години. Откако ќе го запалеше огнот и ќе го замесеше лебот, ќе свареше кафе чија арома ќе се прошири низ целата кујна, па ќе се потпреше на прозорецот и гледаше како маглата се издига над пампата додека се раѓа денот. Навики кои стануваа секојдневие и без кои не можеше да си замисли а да го почне денот.
Откако ја испи шољата со кафе, пријде до печката да види дали огнот е доволно силен за да го стави тестото да се пече. Ја подмачкуваше тавата со масло кога во кујната влезе Енцо.
– Добро утро, Марија Грација.
– Buongiorno, mio fratello.
– Марија, знаеш ли нешто за ова?, – веднаш премина на главното, вадејки ги тапиите кои му ги достави Кристина.
– За што?, – праша таа, не подигнувајки го погледот од смесата за лебот која ја спремаше.
– Се работи за тапии на име на нашата мајка. Потпишани од дон Ињаки Кастењон.
Марија Грација се почуствува како да е нападната од мршојадец и зграпчена за вратот. Вистината ја плесна в лице а не беше ни подготвена за тоа.
– Зошто ги имаш ти тие тапии?
– Тоа значи дека си знаела за постоењето на овие документи?!
Таа премолче, како тоа да ќе и беше од некаква помош. Ја спушти главата и ја прегриза долната уста.
– Погледни ме, Марија Грација. Ти си знаеле дека нашата мајка е сопстевничка на оваа земја?
Не изусти ништо, но очајот во нејзините очи кажуваше повеќе од илјада зборови.
– Ми призна пред да умре, – призна на крајот.
– И зошто никогаш не си ми кажала ништо?
– Бидејки не можев да ти кажам…
– Зошто?
– Бидејки не сакам да имаш проблеми со газдата, Енцо, – одговори не можејки да ги задржи солзите.
– Но, оваа земја легално ни припаѓа, Марија!
– Токму поради тоа.
– Си зборувала за ова со него?
– Да и…Ми кажа дека таа земја не е наша. Дека неговиот татко бил прелажан за да и ја потпише земјата на нашата мајка.
– Мадона миа…И зошто Ињаки Кастењон и оставил дел од својата земја на нашата мајка? Зошто, Марија Грација?
Молк. Кнедла во грлото. Прекривање на болната вистина. Но, уште колку долго ќе може да ја таи тајната која старата мајка и ја довери на својата смртна постела? Ден? Два? Недела?
– За да ја замолчи нашата мајка, – одговори.
– Што имал дон Ињаки Катсењон да ја замолчува нашата мајка? За што?
– За никогаш да не каже што имало меѓу нив.
– Што имало меѓу нив?
– Дон Ињаки Кастењон…и нашата мајка…Имале син.
– Што?, – праша со суво грло.
– Тој син си ти, Енцо. Ти си му брат на дон Фаусто Катсењон. Ти си Катсењон!

Продолжува во среда…

 

 

 

Јовица Крстевски | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Научи ме да летам | Enseñame a Volar #055, 056

#55то продолжение                 Беше нешто по полноќ, кога лежеа голи на софата во …

error: Содржината е заштитена!