Почетна / Филм / „Ноќ на Оскарите“ вечерва во 23:30 часот на Сител

„Ноќ на Оскарите“ вечерва во 23:30 часот на Сител

 

Американската академија за филмски науки и уметност најавува вистински спектакл за доделувањето на наградите Оскар вечерва, 24.02. Наградите за најдобри филмови во 2012-та ќе бидат доделени во театарот Долби во Холивуд. Настанот ќе го пренесуваат преку 225 држави во светот, а во Македонија преносот ексклузивно ќе го емитува ТВ Сител.

 

 

85-то доделување на филмските награди Оскар како и секогаш, ќе биде најгламурозната церемонија на доделување награди во светот, на која ќе земат учество најголемите ѕвезди во филмската индустрија. Меѓу номинираните се големи актерски ѕвезди: Даниел Деј Луис, Дензел Вашингтон, Роберт Де Ниро, Сали Филд, Хју Џекмен, Томи Ли Џонс, Хелен Хант, Жоакин Феникс, Наоми Вотс. Врвни имиња се номинирани во разни категории како Стивен Спилберг и Анг Ли (режија), Квентин Тарантино (сценарио), Бен Афлек и Џорџ Клуни (продуценти во категоријата најдобар филм). Најмногу номинации, 12 има филмот „Линколн“ во режија на Спилберг, 11 номинации има „Животот на Пи“ на Анг Ли, по 8 имаат „Клетници“ на Том Хупер и „Silver Linings Playbook”на Дејвид О.Расел, а „Арго“ на Бен Афлек има 7 номинации.

Вечерва од 23:30 ќе се емитува „Ноќ на Оскарите“, односно директен пренос од Оскаровското шоу. Прво ќе го проследиме пристигнувањето на ѕвездите на Оскаровската церемонија на црвената патека, како и куси интервјуа со номинираните за Оскар и поранешните добитници пред самиот театар Долби во специјалната програма Одбројување на Оскарите. Во студиото на Сител заедно со Миланка Рашиќ ќе коментираат Ненад Секирарски, еден од најдобрите македонски модни дизајнери и Кристијан Даниловски, директор за развој и извршен продуцент на Fx3x, компанија за продукција на анимација и визуелни ефекти.

Потоа започнува 85-то Оскаровско шоу во театарот Долби, на кое ќе се појават и Оскаровците Мерил Стрип, Жан Дужарден, Никол Кидман, Шарлиз Терон, Хали Бери, Сандра Булок, Риз Видерспун, а се очекуваат и извонредни музички настапи во живо на Адел, Барбра Стреисенд, Ширли Бејзи и Нора Џонс. Особено атрактивен ќе биде делот од Оскаровското шоу посветен на филмовите со Џејмс Бонд, поради тоа што се одбележуваат 50 години од првиот Бонд филм. Снимка од Оскаровското шоу во траење од 2 часа ќе се емитува следниот ден, понеделник 25.02.2013. во 23:30 часот.

 

 

 

Крис Манев | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Премиерни филмови за викенд на Алфа, на ред се „Hunted“ и “Damage”

Ако од понеделник до петок по централните вести следите политички дебати на Алфа, за време …