Почетна / МК Сцена / Крај за музичкиот маратон, албумот останува да живее!

Крај за музичкиот маратон, албумот останува да живее!

 

Во вторникот беше одржан шесттиот концерт на македонскиот супер бренд Каролина Гочева, кој беше последен во низата на концертната промоција на новиот албум „Македонско девојче 2“. За завршната вечер, Каролина на многу емотивен начин се прости со своите фанови – со бис кој го направи специјално во фоајето на МОБ каде заедно со својата публика ги испеаа „Чалгиска“ и „Две лири“, а потоа уште час и половина, потпишуваше автограми и се фотографираше со своите фанови. Завршија волшебните мигови кои ни ги приреди Каролина, но она што останува да живее се неверојатно квалитетните песни кои обележуваат нов белег во македонската музичка историја. Албумот е веќе во слободна продажба во музичките продавници, а за неговата вредност и неоспорен квалитет, допрва ќе се зборува.

 

 

На дел од концертите беа и голем дел од македонските јавни личности, кои јавно изразија големо задоволство и чест што биле дел од магичните концерти. Меѓу нив беа Боки 13, Калиопи, Весна Петрушевска, Мелита, Александар Тарабунов, екипите на „Бекстејџ“, „Таблоид“ и „Стисни плеј“, Сретен Костиќ, Сергеј Варошлија, Петар Ѓошев и многу други. Да се биде на еден од овие шест концерти беше задоволство и неизмерно уживање и за секој посетител. Професионалноста се забележуваше уште од фоајето на МОБ каде во најголема елеганција и учтивост, беа пречекувани посетителите и упатувани на своите места. А таму бевме сведоци на емотивна бајка која ни ја приредија Каролина и првокласните музичари кои ја пратеја на сцена. Увертирата се случуваше со „Кој да ми запее“, песна која многумина сметаат дека ќе стане антологиска и култна како една „Зајди зајди“. По неа, следуваа сите песни од новиот албум, па неколку од првото Македонско девојче и неколку стари македонски песни.

 

 

Беспрекорен глас, емоција која ја бранува душата, убав и силен звук, чистота и топлина на песните, тоа е Македонско девојче 2. Како што вели самата Каролина – новото македонско девојче не е во носија. Новото македонско девојче е силна и самоуверена жена како неа, со песни кои ги поврзуваат традиционалните наши ноти со модерниот звук на ова време. Каролина и нејзиниот тим покажаа и докажаа зошто се единствени и професионални за на крајот на оваа волшебна приказна да го заслужат најгламурозниот аплауз што може да се даде.

 

 

 

Дани Петковска | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Видео | Зетот на Наум Петрески со емотивна кавер верзија на „Hello“

Владимир Поповски е фронтмен на групата “Биоритам” кои се особено актуелни со настапите на свадбените …