По 13 години соработка, Сања Кужет повеќе нема да биде дел од „Ѕвездите на Гранд“, потврдија од Гранд продукција.

Одлуката за прекин на долгогодишната соработка е донесена спогодбено, а двете страни истакнуваат дека се разделуваат во пријателски односи и со голема меѓусебна почит.

Од Гранд ѝ се заблагодарија на Сања за нејзиниот професионализам, харизма, енергија и посветеност, нагласувајќи дека во текот на изминатите години оставила силен и неизбришлив белег во едно од најпопуларните музички натпреварувања во регионот.

Сања во своето обраќање потврди дека заминува доброволно, бидејќи чувствува дека дошол вистинскиот момент да затвори едно големо професионално поглавје во својот живот. Таа истакна дека за годините поминати во Гранд ја врзуваат бројни убави спомени, а како највредни ги издвојува луѓето и колегите со кои со години ја делела сцената.

Посебно се осврна на довербата што ѝ била укажана пред 13 години и на можноста да стане дел од големата приказна на Гранд. Таа порача дека засекогаш ќе му биде благодарна на Саша Поповиќ, кој верувал во неа и ѝ ја дал таа можност. Како што истакна, сега кога него повеќе го нема, природно чувствува дека завршува и една ера која била важна за сите нив.

Кужет привремено се повлече од „Ѕвездите на Гранд“ на почетокот на 2024 година поради бременоста и раѓањето на нејзиниот трет син Вук. Иако се очекуваше дека по паузата од две сезони повторно ќе се врати на сцената, сега е потврдено дека до нејзино враќање нема да дојде.
А во новата сезона гледачите повторно ќе ги пречека добро познатиот водителски тандем Ана Севиќ и Милан Митровиќ.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
