Почетна / Живот / Охрид SOS со реакција на објавите за Нацрт-извештајот за УНЕСКО

Охрид SOS со реакција на објавите за Нацрт-извештајот за УНЕСКО

Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид SOS со реакција на медиумските објави последниве денови поврзани со Нацрт-извештајот на Реактивната мониторинг мисија од јануари 2020 г. и на изјавите на институциите. Во продолжение ви ја пренесуваме објавата на Охрид СОС во целост :

” Деновиве во медиумите агресивно се објавува и се коментира за содржината на Нацрт-извештајот на втората (во поново време) Реактивна мониторинг мисија која беше во посета на Регионот во јануари 2020 г.
Иако се радуваме што прашањето за единствениот УНЕСКО Регион во Македонија толку силно се наметна во јавниот дискурс, не можеме, а да не ја забележиме нетранспарентноста на македонските власти кои даваат изјави за медиумите без притоа да ја објават јавно верзијата од Нацрт-извештајот која ја имаат добиено.
Без оглед што се чека нивен коментар за да се финализира Нацрт-извештајот, вклучувањето на јавноста во сите чекори од процесите поврзани со животната средина е задолжително и со него не смее да се тактизира.
Охрид ЅОЅ ќе објави сопствен коментар само ОТКАКО формално ќе го добиеме Нацрт-извештајот на Реактивната мониторинг мисија од 2020 г. за што веќе испративме барање до Министерството за култура, Општина Охрид и Националната комисија за УНЕСКО.
До тогаш, би сакале накусо да ги прокоментираме изјавите на официјални лица кои зборуваат од име на институциите кои ги претставуваат.
1. Ги сметаме за крајно неодговорни изјавите од типот: „Направивме значајни чекори за зачувување на статусот на Охрид и езерото во УНЕСКО“.


Само некој кој нема допир со реалноста, за извештај во кој се препорачува ставање на единственото УНЕСКО добро од Македонија на Листата на светско наследство во опасност, може да си дели комплименти дека направил „значајни чекори за зачувување на статусот на Охрид и езерото во УНЕСКО“. Челниците на македонските институции очигледно не знаат и не можат ништо повеќе освен упорно и тврдоглаво да ја продолжуваат штетната тенденција за правење театар за јавноста. Состојбата на терен е очајна, се работи кампањски, хаотично и некоординирано. Се нема една единствена визија, ниту усогласеност помеѓу управувачите со доброто (општините, министерствата, владата).
2. „И покрај тоа што се работи за еден сложен процес кој бара огромен ангажман, време и средства, преку заедничко делување и соработка започнавме да спроведуваме сериозни активности со кои ставаме крај на децениската деградација на овој регион и овозможуваме услови за поголема заштита“ велат од Општина Охрид.
Оваа изјава не може да биде подалеку од вистината. Дали општината за „сериозни активности“ со кои „става крај на децениската деградација“ ги смета фаличните процеси на усвојување на документи кои се од суштинска важност за регионот, како на пример процесот за усојувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион со кој се продуцираше неприменлив документ и процесот за создавање на Студијата за валоризација на Охридското Езеро чијшто период на истражување е предвидено да трае само 3 месеци?!
Дали за „сериозни активности“ со кои „става крај на децениската деградација“ го смета театралното (не)рушење на бетонската база на Нефи Усеини која се наоѓа речиси на самиот езерски брег?!
Дали за „сериозни активности“ со кои „става крај на децениската деградација“ ги смета споменикот на нелегалната градба – хотелот во Лагадин, несанкционираната узурпација на Светинаумските извори, криволовот, новоизградените ѕитчиња на брегот, мистериозните тампонирања на брегот, неусогласување на законите за да би можел Планот за управување со регионот да биде применлив, додека во меѓувреме се дигаат висококатници во Старото градско јадро, а Студенчишко Блато не е ставено под привремена заштита според планот од пред една година?!
3. „Исто така, првпат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави, стои во дописот до медиумите.“
Да не беше оваа изјава трагична, ќе беше бескрајно смешна. Нормално дека е воспоставена соработка со Албанија, таа соработка е обврска од Договорот за прекугранична соработка потпишан уште во 2004 година. За напредок и достигнување се смета задоцнување од деценија и пол и одржување на само една единствена средба на тој комитет!


4. „Првпат по 17 години беа спроведни низа активности за отстранување бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации.“
Ниту Општина Охрид ниту владата немаат воспоставено никаков план со динамика за работа за справување со дивоградбите. Овие „активности“ беа само за пред камери и само за пред избори. Затоа и не продолжија „во наредниот период“, како што се вели во изјавата од Општина. Освен ако тој „нареден период“ не е предизборието на претстојните локални во 2021 г. Власта калкулира, наместо да воспостави објективна контрола. На секоја власт на која врвен приоритет ѝ е собирање евтини политички поени, јавниот интерес не ѝ е ни во првите 100 „приоритети“.
Во овие изминати 4 години откако националната и локалната власт се во рацете на една иста партија, единственото подобрување кое го видовме беше напуштање на налудничавите проекти на нивните претходници, додека истовремено се планираат туристичкиот комплекс во Горица, а туристичките развојни зони за Љубаништа 1, Градиште и Калишта се промовираат на страницата на Министерството за транспорт и врски и најперфидно се турка марина кај Студенчишко Блато.


Управувањето со единствениот УНЕСКО Регион во Македонија не може да се сведе на откажување од мегаломански штетни проекти додека истовремено се допушта истата галопирачка деградација на природните вредности и истото комплетно запуштање на културното наследство!
Охридскиот Регион е дестинација за ЕЛИТЕН, не за евтин туризам!
За управување со овој уникатен регион е неопходна визија, знаење, правичност, искрена посветеност и чувство на одговорност. А тоа се епитети и вредности кои носителите на одлуки во последниве 3 децении покажаа дека ги немаат ни во активниот речник, камоли како дел од сопствениот систем на вредности.
Не може да се дозволи истите партии и истите луѓе во раководните структури на институциите да ги повторуваат истите грешки – тие мора да бидат исфрлени од институциите и мора да одговараат за злоделата! Магичниот круг мора да се прекине! Доста беше”

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Елена Лука го сака ГТЦ”, ново омилено место за мода во Скопје

Изминатата година ни покажа колку имаме потреба од љубов, поддршка и колку всушност сме биле …

error: Содржината е заштитена!