Почетна / Живот / Протестно писмо поради убивање улични кучиња во Битола

Протестно писмо поради убивање улични кучиња во Битола

Во прилог протестно писмо испратено до градоначаличката на Општина Битола и директорот на ЈП Комуналец Битола во врска со заловување и убивање на улични кучиња во Битола како „превенција од коронавирус”. Писмото е испратено од битолски здруженија за заштита на животните.

“До
Градоначалничка на Општина Битола, Наташа Петровска
Директор на ЈП Комуналец Битола, Панде Богоевски

Предмет
Отворено протестно писмо

Почитувани,

Во последниве неколку денови од 01.04.2020 г. наваму активистите од Битола почнаа да забележуваат дека исчезнуваат улични кучиња од локациите на кои тие вообичаено се движат. Меѓу кучињата кои се исчезнати има и такви со ушни маркички и такви без. Според изјавите од сведоци, ЈП Комуналец заловува и убива улични кучиња и со ушни маркички и без, со изговор дека тие претставувале опасност од ширење на коронавирусот.

Нагласуваме дека според светските авторитети во хуманата и ветеринарната медицина – Светската здравствена организација (WHO) и Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE) во повеќе наврати е потенцирано дека според научните сознанија до денес – не постои опасност коронавирусот да се пренесе од миленик на човек. Истото во Македонија го пренесоа и потврдија и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Ветеринарната комора на Република Македонија.

Согласно со горенаведеното, констатираме дека заловувањето на улични кучиња и нивното убивање како „мерка за превенција од коронавирусот“ претставува злоупотреба на службената должност и овластувањата (член 353 од Кривичниот законик на РМ) и убиство на невини животни спротивно на законот (член 233 од Кривичниот законик на РМ).

Бараме одговор и од градоначалничката Петровска и од директорот на ЈП Комуналец Богоевски, кој издал наредба да се заловуваат и убиваат кучињата имајќи ги предвид гореизнесените информации што на јавноста ѝ се добропознати. Најавуваме дека дури и во случај да бидеме повторно игнорирани и од Општината и од ЈП Комуналец, ние ќе поднесеме соодветни кривични пријави и ќе ги алармираме соодветните Директорати во Европската Унија бидејќи за да отпочне со процесот на апроксимација кон европското право, Македонија мора да исполнува одредени критериуми и во однос на правата на животните.

Ја информираме јавноста дека заловените и усмртени кучиња со ушни маркички беа стерилизирани/кастрирани, вакцинирани и дехелминтизирани со помош на Фондацијата Бибевски. На овој начин активистите и совесни граѓани ѝ помагаа на Општината во спроведувањето на контролата врз бездомните животни. Со убивањето на веќе истретирани кучиња Општината придонесува за продлабочување и одново започнување на проблемот, што очигледно е и целта за да може континуирано и „оправдано“ да злоупотребува јавни пари со изговор дека се обидува „да го реши проблемот“.

Вистината е дека Општина Битола и ЈП Комуналец ги подриваат вистинските напори за конечно, трајно и хумано справување со бројот на бездомни кучиња на територијата на Општина Битола и затоа ние ќе бараме најстроги казни за прекршителите на законот кои истовремено го оштетуваат и буџетот на Општината.

Со почит,
Здружение за заштита на животните „МАЛИ ХЕРОИ“ Битола
Здружение за заштита на животните „АРК“ Битола
Фондација „БИБЕВСКИ“ Битола”

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Концерт на Филхармонија со израелската виолончелистка Даниеле Акта

Филхармонија во четврток на 17ти септември 2020 година (20 часот) ќе одржи симфониски концерт на …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!