Никола се претставува со своја верзија на емотивната балада – песната „Лутка“ од Саша Матиќ.
„Ја имам слушнато многу одамна и некако буди посебна емоција во мене. Во комбинација со мелодиската линија, буквално ми е по мој вкус“, вели Никола, додавајќи дека токму ваквите балади му дозволуваат да го покаже својот вистински вокален и емоционален израз.

Во време кога каверите често звучат исто, Милосковски се обидува да внесе личен печат – без копирање, без претерување, туку со мерак и искреност. Токму тоа е и причината зошто неговите изведби лесно наоѓаат пат до публиката. Посебно внимание привлекува и видеото, зад кое стои Стефан Катранџиски, со кого, како што вели Никола, уште од првиот момент постоела јасна уметничка визија.

„Уште од самиот старт ми се допадна неговата професионалност во снимањето и начинот на кој успеавме заедно да ја доловиме емоцијата“, открива Никола, нагласувајќи дека визуелната приказна е важен дел од целокупниот впечаток.
Она што го издвојува Никола Милосковски на домашната сцена е неговиот природен пристап кон музиката – без маски, со јасна емоција и препознатлива боја во гласот. Неговиот фокус не е само на нотите, туку и на она што се крие помеѓу нив – искрената интерпретација и личниот печат.

Но, ова не е крајот на музичката приказна за младиот пејач. Напротив – во периодот што следува се очекуваат уште неколку преработки, кои веќе се снимени, а доколку сè оди според планот, публиката наскоро ќе може да ја слушне и неговата прва авторска песна. Додека новите проекти се подготвуваат, Никола Новата година ќе ја дочека работно, настапувајќи во Гостилница „Дома“ во Куманово, заедно со луѓето кои ја ценат неговата работа и го препознаваат звукот и приказните што ги раскажува – и во музиката, и во тишината меѓу тоновите.
Дани | ТВ Пакет
ТВ Пакет Единствен телевизиски информативен портал во Македонија
