Почетна / МК Сцена / Бројот 4 ја одбележа најуспешната година на Влатко и Златко Миладиноски

Бројот 4 ја одбележа најуспешната година на Влатко и Златко Миладиноски

Четири турнеи на четири континенти, четири големи солистички концерти, четири значајни награди и признанија, а наскоро и четврти солистички албум – бројот четири на необичен начин ја одбележа изминатата година во кариерата на Влатко и Златко Миладиноски.

Во изминатиот период, македонската музика ја претставија пред публиката во Америка и Канада, Европа, Азија и Австралија.

Четирите меѓународни турнеи ја потврдија нивната сè поголема популарност меѓу македонската дијаспора, но и посветеноста со која ја промовираат македонската песна надвор од границите на земјата.

Истовремено, зад нив се и четири солистички концерти одржани на некои од најзначајните концертни сцени во Македонија – Македонската опера и балет во Скопје, Античкиот театар во Охрид, арената „Борис Трајковски“ во Скопје и античкиот локалитет Хераклеа во Битола.

Секој од концертите понуди различно музичко и сценско доживување, но сите ги обединија препознатливиот звук на Миладиноски, македонската традиција и силната поврзаност со публиката.

Успешната година беше заокружена и со четири награди и признанија. Влатко Миладиноски ја доби наградата „Фолк концерт на годината“ на „Златна бубамара на популарноста“, како и признанието „Фолк пејач на годината“ на „Лазаров Awards“. Од Општина Кисела Вода му беше доделен „Златен клуч“ и признанието „Заслужен граѓанин“, додека македонскиот бренд RVR му подари специјално уметнички изработени патики, создадени во само еден примерок, како признание за неговиот досегашен труд и придонес.

Симболиката на бројот четири продолжува и во приватниот и во професионалниот живот на пејачот. Влатко се наоѓа во четвртата деценија од својот живот, а во подготовка е и неговиот четврти солистички албум. До неговото целосно комплетирање недостасуваат уште само четири песни.

„Дури сега, кога ги сумиравме сите активности и успеси од изминатата година, забележавме колку често се повторува бројот четири. Не знаеме дали е случајност, симболика или предзнак, но сакаме да веруваме дека најголемите успеси допрва доаѓаат. Благодарни сме ѝ на публиката што постојано е со нас и заедно со нас го живее ова музичко движење“, велат Влатко и Златко Миладиноски.

Дали „четворката“ е само интересна случајност или најава за ново големо поглавје во нивната кариера, ќе покаже времето. Засега е сигурно дека подготовките за новиот албум продолжуваат, а публиката наскоро може да очекува нови песни и музички проекти од Влатко и Златко Миладиноски.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Охрид фест“ со конкурс за за избор на две нови музички лица

Македонската музика отсекогаш живеела благодарение на големите гласови. На оние што не се плашеле да …

error: Содржината е заштитена!