Почетна / Серии / Германија повлече серија со ВИ синхронизација поради револт на гледачите

Германија повлече серија со ВИ синхронизација поради револт на гледачите

Употребата на вештачката интелигенција за синхронизација на филмови и серии во последно време се претставува како иднина на телевизиската и стриминг-индустријата. Сепак, еден неодамнешен пример од Германија покажа дека заменувањето на професионалните актери со синтетички гласови може да предизвика сериозни проблеми со квалитетот и негативна реакција кај публиката.

Во февруари 2025 година, полската крими серија „Morderczynie“, продукција на скандинавската медиумска компанија Viaplay, ја имаше својата германска премиера преку Магента, платформата на Дојче Телеком.

Наместо класична германска синхронизација снимена во студио со професионални актери, за германската верзија била употребена вештачка интелигенција. Германската верзија на шестепизодната серија била изработена со помош на технологија на компанијата Дипдаб, специјализирана за ВИ синхронизација и локализација на аудиовизуелни содржини.

Станувало збор за т.н. „хибриден ВИ“ процес. Системот користел професионално снимени гласовни материјали, од кои со помош на вештачка интелигенција биле генерирани германските реплики. Тоа требало да овозможи серијата да добие германска аудиоверзија без традиционалниот процес во кој секој лик го синхронизира професионален актер во студио.

Но, германската публика многу брзо забележала дека нешто не е во ред.  Гледачите забележале монотони и неприродни гласови. Според германскиот медиум DWDL, гледачите реагирале на необичниот квалитет на германската синхронизација, а како главни проблеми биле посочени монотониот говор, недостатокот на соодветна интонација и недоволната варијација и емоција во гласовите.

Особено било забележливо што во сцени во кои оригиналните актери покажувале силни емоции, синтетичкиот говор не секогаш ја пренесувал истата актерска изведба. Германскиот пазар традиционално има исклучително развиена индустрија за синхронизација, а публиката со со децении е навикната на професионални актери, режисери и адаптација на дијалогот, поради што разликата во квалитетот била уште повпечатлива.

 По реакциите и медиумските прашања,  во рок од два дена од лансирањето, Дојче Телеком ја отстраниле серијата за дополнителна проверка на квалитетот. По повторната проверка, компанијата донела одлука германската ВИ синхронизација повеќе да не биде понудена на платформата.

Наместо да се обиде да ја задржи спорната германска аудиоверзија, Телеком избрале многу поедноставно решение, а тоа оригинален полски звук со германски титлови. Од компанијата соопштиле дека по повторната проверка на квалитетот одлучиле повеќе да не ја нудат германската синхронизирана аудиотрака. Со тоа, практично, ВИ синхронизацијата не го поминала стандардот за квалитет што Телеком го бара за својата понуда.

Случајот во Германија покажа дека пониската цена сама по себе не е доволна доколку гледачот забележува дека гласот не ја пренесува актерската изведба, емоцијата и природната интонација на оригиналот.

Случајот во Германија е особено значаен во време кога медиумските компании низ Европа експериментираат со автоматско преведување, синтетички гласови, клонирање на глас и автоматска синхронизација. Технологијата брзо напредува, но целосната ВИ синхронизација на играни серии сè уште не претставува општоприфатен стандард кај големите европски телевизиски компании.

Напротив, низ Европа расте и отпорот од професионалните актери за синхронизација, кои бараат јасни правила за употребата и клонирањето на нивните гласови, согласност од актерите и соодветен надомест.

Во земји со силна традиција на синхронизација, како Германија, Франција, Италија и Шпанија, прашањето веќе не е само технолошко и финансиско, туку и креативно, правно и етичко.

Технологијата може да биде иднината, но гледачот го има последниот збор. Дали и кај нас, гледачите и професионалните актери ќе се спротистават на ВИ синхронизација како во развиената европска Германија, останува да видиме.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Последни адреналински сезони од „Итна служба: Тексас“ на полноќ

Познатата серија од популарната франшиза продолжува со последните сезони. “Итна служба Тексас” за нови адреналински …

error: Содржината е заштитена!