Почетна / Живот / Втора крводарителска акција на Твитер заедницата

Втора крводарителска акција на Твитер заедницата

 

Твитот на Стоногалка пред 7 месеци ја покрена иницијативата на Твитер заедницата во Македонија за организирање на крводарителска акција. Споделувана исклучиво преку социјалните мрежи, пред се Твитер, првата крводарителска акција се одржа на 13 септември 2013, каде 75 твитерџии, но и сите други кои беа заинтересирани и го видоа повикот на социјалните мрежи, донираа крв. Успешната прва крводарителска акција доведе до иницијатива за организирање на втора хуманитарна и крводарителска акција на македонската Твитер заедница. Во организација на Славчо Андов (@IceManAndov), Иво Гиевски (@ivogievski), Ирена Мила (@IrenaMila2) и Дарко Јовановски (@bratot1), првата Твитер крводарителска кампања оваа година, освен крводарителската акција која ќе се одржи на 17 март во Домот „ДареЏамбаз“, за првпат ќе вклучи и акција за собирање облека на 15 и 16 март на неколку пунктови низ Скопје.

„По успешната прва крводарителска акција, решивме да го прошириме опсегот на активности, па така, викендов на 15 и 16 март, секој ќе може да донира облека, играчки и книги на три пунктови низ Скопје, во Аеродром во паркот “Јане Сандански”, во Карпош во ТЦ “Лептокарија” и во Центар на улица Македонија, кои ќе бидат донирани на социјално-загрозени семејства на кои им е потребна помош. Крводарителската акција овојпат ќе се одржи на 17 март, Денот на крводарителите во Македонија, од 11 до 20 часот во Домот „Даре Џамбаз”. Целата акција ќе заврши со хуманитарна забава со DJ Chase Work на 17 март во Ракија бар „Калдрма” – изјавија организаторите.

 

 

Овој пат акцентот е ставен на собирање на RH негатив крвни единици, со што посебно се охрабруваат лицата кои имаат негатив крвна група да даруваат крв, која е исклучително ретка. Дормео ја поддржа кампањата и секој крводарител ќе добие Дормео подарок, додека медиумска поддршка дадоа Он Нет, Блогираме и Окно. Голем дел од македонските твитерџии учествуваат и ја поддржуваат кампањата, која станува се повеќе популарна на социјалните мрежи – поетите Ана Голејшка, Тони Попов, Дарјан Раденковиќ, Александра Спасеска, Д.А. Лори, Дарко Лешоски и Митко Гогов, кои исто така се активни на Твитер, како и дизајнерот Небојша Гелевски, кој ги изработи и промотивните материјали за кампањата.

„Иако кампањата беше иницирана од македонската Твитер заедница, тоа не значи дека е ограничена само на нејзините членови – секој кој сака да помогне, да дарува крв, или пак да донира стара облека или играчки може да се вклучи во некоја од активностите. За нас тоа претставува малку, но за некој значи навистина многу. Чувството да му се разубави денот на некој и чувството дека сте спасиле нечиј живот е непроценливо и тоа е всушност првичниот мотив поради кој ја стартувавме и ја продолжуваме целата акција“ – изјави Ирена Мила, еден од организаторите на настанот. Крводарителската акција, покрај тоа што има голем хуманитарен придонес, исто така зборува за моќта на социјалните мрежи денес и брзината на активирањето и покренувањето на иницијативи преку социјалните медиуми, во случајов Твитер. Приказната која започна со еден твит не запира тука – организаторите се надеваат дека акциите ќе прераснат во традиција и ќе се одржуваат на секои 6 месеци, со се поголем одѕив и повеќе активности.

 

 

 

| ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инфо | Третиот извештај за напредок во животна средина од UNECE

Напредокот во управувањето со животната средина на Македонија е оценет како недоволен, нема усвоено доволно …

error: Содржината е заштитена!