Почетна / Живот / Почина авторот на „Сто години самотија“

Почина авторот на „Сто години самотија“

 

 

По тешко боледување, вчера почина колумбискиот писател, новинар и политички активист, Габриел Гарсија Маркез. Маркез неодамна беше хоспитализиран поради белодробна инфекција и проблеми со уринарниот тракт. Но, набргу по хоспитализизацијата тој побарал од докторите да биде пуштен на домашно лекување, бидејќи како што и неговото семејство потврдило, тој се чувствувал подобро. CNN пренесува дека веста за смртта на писателот ја потврдила и мексиканската медиумска куќа Notimex и Национаното здружение за култура и уметност.

 

 

Се смета за еден од најзначајните автори на 20 век, награден со Нојштат наградата за литература во 1972 година и добитник на Нобелова награда за литература во 1984 година. Беше женет и имаше два сина, Родриго и Гонзало. Писателот беше пријател со Фидел Кастро и има искажано симпатии за одредени латино-американски револуционерни групи, посебно во текот на 60-тите и 70-тите. Маркес, меѓу пријателите познат како Габо, стана херој на цел континент кога му се придружи на Кастро и ги критикуваше интервенциите на Вашингтон во Виетнам. 

Габриел Гарсија Маркес се сметаше за еден од најдобрите автори од шпанско говорно подрачје. Романот „Сто години самотија“ од 1967-ма е продаден во повеќе од 30 милиони копии. Романот го обработува животот на повеќе генерации од семејството Буендија во гратчето Макондо, основано од страна на патријархот на семејството, Хосе Аркадио Буендија. Нелинеарната приказна се раскажува од повеќе временски точки, техника преземена од аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес. Сто години самотија е ремек-делото на Маркес, преведено на триесет и седум јазици. Стилот „магичен реализам“ и тематиката го воспоставија како важен роман претставник на процутот на латиноамериканската литература во 1960-те и 1970-те, којшто беше под влијание на модернизмот (од Европа и Северна Америка) и кубанското книжевно движење.
Во Македонија, романот е преведен двапати; во 1986, под наслов “Сто години самотија”, превод на Ванѓа Чашуле, и во 2006, под наслов “Сто години осаменост”, превод на Костадинка Арсовска.

Тој ги напиша и “Кобен час” во 1962 година, “Есента на патријархот” во 1975, ” Љубов во време на колера” во 1985, “Генералот во својот лавиринт” во 1989, “За љубовта и другите демони” во 1994, a својот последен роман го објави во 2004-та – „Сеќавање на моите тажни курви“ (Memorias de mis putas tristes).

 

 

Дани Петковска | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вест на денот : Полицијата ја притвори специјалната Катица Јанева

Уапсена е жената која претставуваше најголем симбол за правдата во Македонија. Специјалната јавна обвинителка, Катица …