Почетна / Сапуници / На денешен ден, пред 10 години започна феноменот „Шехерезад“

На денешен ден, пред 10 години започна феноменот „Шехерезад“

Пред точно 10 години. Ден – вторник. Термин – 20 часот. Денот, како и сите други, стана денот кој ја промени телевизиската индустрија во Македонија. На некогашната А1 телевизија со емитување започна турска серија.

За прв пат, надсинхронизирана програма емитувана во ударен термин на најгледаната македонска телевизија. За прв пат, сосема нова играна продукција која стартуваше без никакви помпезни најави и очекувања на гледачите.

Но… се случи неочекуваното. Се случи она што никој не можеше да го замисли дотогаш. “1001 ноќ” ги освои македонските гледачи, достигнувајќи гледаност каква што ретко се памети. Шехерезад ги урна сите рекорди во гледаност во Македонија за време на нејзиното прикажување, оставајќи ги далеку зад себе дури и фудбалските натпревари на Премиер-лигата, познатиот квиз “Милионер” и информативните изданија на А1.

Народот наголемо го фати вистинска шехерезадна треска, од најмладо до најстаро. Доказ за огромната популарност на серијата се гледаше во примери од секојдневниот живот; сите зборуваа за Шехерезад, наставници им даваа на учениците – писмени теми за серијата, учениците лудуваа по рингтонови со нејзината музика, дијалозите меѓу Онур и неговата љубена се прераскажуваа по канцеларии, а досетливите трговци бараа разни начини да профитираат од суперпопуларните ликови.

Социолозите и културолозите велеа дека тајната на успехот на оваа серија се крие во едноставната и топла љубовна приказна, проткаена со традиционален морал, а сместена во европеизиран и гламурозен амбиент. Нејзината популарност во Македонија беше резултат на блискоста на менталитетите, како и одлуката на телевизија А1 да ја натсинхронизира серијата, за што долго време постоеја предрасуди.

Сето заедно ја направи серијата вистински блокбастер, правејќи го терминот кога таа се емитуваше најнепријатно време за гости, и оставајќи ги празни улиците и парковите во Македонија. Над 50 проценти од Македонците ја следеа оваа приказна од земјата на Босфорот, рејтинг бројка која е незамисливо да се повтори.

“1001 ноќ” ги смени телевизиските стандарди не само во земјава, туку и во регионот. Донесе низа на следни и следни турски серии, кои до ден денес се емитуваат, а сосема изненадно, ги истисна латиноамериканските теленовели и македонските продукции од прајмтајм.

Шехерезад се вбројува во еден од најголемите телевизиски феномени заедно со “Клон” и “Касандра”, која во сезоната 2009-2010 направи вистинска телевизиска револуција и поведе нова еволуција.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Која е свекрвата од Сителовата драма за „Девојката од прозорецот” ?

Ова е Гулџихан, свекрвата на Девојката со која се дружиме од понеделник до петок навечер …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!