Почетна / Живот / Концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ во Охрид

Концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ во Охрид

Камерниот ансамбл на Филхармонија – “Нов здив”, овој петок во 21 часот ќе настапи во црквата “Св.Софија” во рамки на фестивалот “Охридско лето”. Станува збор за настан во организација на Филхармонија на РСМ, кој се реализира како дел од програмата на најстариот фестивал во земјата.

На програмата се “Verklärte Nacht” за гудачки секстет од Арнолд Шенберг, “Омен” за соло сопран, кларинет, виолина, виолончело и ударни инструменти од Валентина Велковска- Трајановска и Пијано квинтет од Антон Веберн. Диригент е Паскал Галоа од Франција.

Идејата за овој концерт на камерниот ансамбл „Нов здив” произлегува од желбата и предизвиците за изведба и на современа музика на нашата музичка сцена, и фактот што во нашата држава не постојат многу состави кои се длабински посветени на новата музика. Членовите на камерниот ансамбл „Нов здив” на Филхармонија во соработка со диригентот Паскал Галоа од Франција, грижливо прават селекција на композиции од македонски и светски автори. Сите композиции кои се дел од програмата на овој концерт се ретко изведувани, а дел од нив и премиерно ќе се изведат во РС Македонија, a наедно ова ќе биде и премиерно преставување на камерниот ансамбл „Нов здив”.

Членови на новоформираниот ансамбл “Нов здив” се Бојан Илкоски (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола), Александар Лаовски (виола),

Паскал Краповски (виолончело), Драган Гоневски (виолончело), Игор Бакревски ( кларинет), Маријана Николовска (пијано) и
Атанас Алексов (ударни инструменти). Како солистка ќе настапи и сопранистката
Гонца Богоромова – Краповски.

Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Неговата прва изведба на „Секвенца 7″ од Берио беше исклучително важен настан за неговата кариера, исто како и неговата изведба на „Дијалог на сенките” од Пјер Булез и „Псалми” на Волфганг Рим за кларинет и оркестар. Галоа ги организира и т.н. Музички моменти заедно со своите пријатели, како за 85. роденден на Пјер Булез во Музејот на уметноста во Париз, или за 95. роденден на Анри Дутие во хотелот „Де Лаузун”. Тој ги снима и своите современици со исто толку голем ентузијазам, како што Пјер Булез, Лучано Берио и Олга Ноивирт. Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството. И токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз. Во 2015 година, тој го формира и фестивалот во Киброн во кој се среќаваат класичната и модерната музика. Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар.

Настани и Билети

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Скопје се сеќава – 59 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска одбележува 59 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Според службите за идентификација …

error: Содржината е заштитена!