Почетна / Телевизија / ИНРЕКОМ ги анализира новите програмски канали на МРТВ

ИНРЕКОМ ги анализира новите програмски канали на МРТВ

Како столб на македонската држава, Македонската радио телевизија преставува јавен радиодифузен сервис со дејност од јавен интерес, која опфаќа производство и обезбедување на радио и телевизиски програми и програмски сервиси. МРТ е можеби и најстариот нетипичен радиодифузен сервис во Европа. Тоа произлегува од фактот што МРТ емитува програма на девет различни јазици, односно има радио и ТВ канали за етничките малцинства во Македонија – е само дел од почетокот на комплексната анализа направена од ИНРЕКОМ.

Македонската телевизија, како интегрален сегмент на МРТ е основана на 14 декември 1964 година. МТВ на почетокот беше составена од два програмски сервиси: Прв и Втор, како и Собранискиот канал кој е основан согласно Законот за Собрание. Дополнително тука е и Сателитскиот програмски сервис. Од почетокот на октомври 2012 започна со работа и на Вториот сателитски програм.

Но со промените кои настанаа како резултат на преговорите околу техничка Влада за излез од политичката криза, преку т.н. „Пржински договор“, произлезе одлука за реформа на јавниот сервис, со што МРТ добива еден канал кој ќе емитува 24 програма само на албански јазик, како и еден телевизиски канал кој ќе емитува програма за останатите етнички заедници. Па така, почнувајќи од 8 април 2020 година, МРТ доби нови канали.

Првата препорака на ИНРЕКОМ е до сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи, најитно да обезбедат пренос на МРТ каналите, како во стандардна резолуција, така и во HD сигнал.

Ги потсетуваме дека истото е и законска обврска за пренос на каналите на јавниот сервис. Упатуваме и дополнителна препорака до истите оператори, во својата понуда да ги воведат и сателитските канали МРТ Сат и МРТ Сат 2, бидејќи граѓаните на Македонија, исто така плаќаат за нивно функционирање – дополнува Институтот во анализата.

ИНРЕКОМ препорачува МРТ 1 во фокусот да ги стави информативните програмски содржини, како и зголемен број на дебатни емисии и емисии кои ќе обработуваат политички содржини. Со тоа ќе се запази најосновната функција – информативната односно информирање на граѓаните. Со цел рационализација на понудата, ИНРЕКОМ препорачува, каналите МРТ Сат и МРТ Сат 2 да бидат укинати, а програмските сервиси од 1 до 5 да бидат обезбедени на сателит, по примерот на другите радиодифузери, како по примерот на ХРТ и ТВ Словенија.

Дополнително, потсетуваме дека корисниците на еден сателитски оператор (Тотал ТВ) не се во можност за следење на програмските сервиси со исклучок на каналите МРТ 1 и МРТ Сат. ИНРЕКОМ препорачува ревидирање на сегашниот концепт за емитување на етнички канали, односно програмата да е само на еден јазик. Во 21 век не е непознато воведувањето избор на аудио јазик и превод (DVB титл), нешто што е достапно на странските канали, но и веќе пракса кај Собранискиот канал. Со тоа, една серија нема да има потреба да се емитува истовремено на повеќе канали или пак еден спортски настан да е коментиран на два канали од коментатори на различен јазик. Одредени емисии што би биле продуцирани од страна на етничките малцинства, би биле соодветно преведени, нешто што функционира во пракса на одредени национални телевизии како што се: Алсат, 21 и Клан Македонија.

Што се однесува до содржините кои се програми од културата, според ИНРЕКОМ тие би останале на засебен канал во чиј фокус би биле таквите содржини, но со превод на македонски. На тој начин културата на различните заедници во Македонија би се доближила и до мнозинската македонска заедница. ИНРЕКОМ упатува недвосмислена препорака за повторно враќање на радиодифузната такса, јавна давачка со која МРТ имаше поголем приход и постабилна финансиска иднина.

Токму преку таа јавна такса ќе може да се обезбеди независноста и би се тргнале рацете од централната власт, но и би се овозможило поголема слобода во продуцирањето на свои емисии, документарци, филмови и серии. Дополнително предлагаме продолжување на буџетското финансирање, но и либерализација на регулацијата во однос на маркетингот на јавниот сервис. Односно, како и кај приватните радиодифузери, така и кај МРТ треба да се дозволи рекламирање во рок од 12 минути, а не сегашните 8. Постои реална потреба од измена на членот 103 и да се дозволат ЕПП и на програми кои не се само играна, спортска и забавна програма. Дополнително, исто да се тргне и забраната за рекламирање од 17 до 21 часот на телевизискиот сервис и од 9 до 14 часот на радио програмските сервиси.

ИНРЕКОМ препорачува еден од каналите да биде преименуван во „МРТ Ризница“, кој во својата програма би ги емитувал сите досегашни емисии и серии што МРТ ги имала продуцирано во текот на изминатите години и кои претставуваат култен белег на јавниот сервис. Ваков пример има во Србија преку каналот „РТС Трезор“, а слични примери има ширум Европа (пр. Германија). ИНРЕКОМ препорачува рационализација на Собранискиот канал, кој во периодот кога нема пленарни седници или седници на комисиите, би емитувал музички спотови од сите жанрови и концерти, а во вечерните часови наместо каналот да не емитува програма, истата да биде пополнета со документарни емисии од светската и домашна политика и историја.

Благодарност од ТВ Пакет до тимот на ИНРЕКОМ за сеопфатната анализа која во целост може да ја прочитате на следниов линк :

Дали патот до реформите во МРТ е поплочен со нови канали?

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пофалба за ТВ Алфа за новиот модернистички изглед на титлот

По долги години користејќи го титлот со транспарентна позадина во кој одредени букви се јавуваа …

Leave a Reply

error: Содржината е заштитена!