Почетна / Серии / Бојкот на германските актери поради вештачката интелигенција

Бојкот на германските актери поради вештачката интелигенција

Германската индустрија за синхронизација влезе во отворен конфликт со Нетфликс поради употребата на вештачка интелигенција. Во текот на 2026 година, голем број познати германски актери за синхронизација почнаа да одбиваат нови ангажмани за платформата поради договорни одредби поврзани со користење на нивните гласовни снимки за развој и тренирање AI системи.

Актерите бараат јасно правило да нивниот глас да не може да се користи за развој на вештачка интелигенција без посебна согласност и соодветен надомест. За професионалните синхронизатори, гласот не е само аудиоснимка, туку дел од нивниот идентитет и актерска изведба. Стравувањето е дека денешната снимка би можела утре да послужи за создавање синтетички глас способен да генерира нови реплики без актерот повторно да влезе во студио.

Германските здруженија на професионалци од оваа индустрија зазедоа уште поцврст став и јавно соопштија дека експлицитно ја отфрлаат синхронизацијата генерирана со вештачка интелигенција. Како една од причините ги наведуваат недостатокот на човечка емоција, емпатија и актерска интерпретација.

Спорот веќе има конкретни последици. Саша Ротермунд, долгогодишниот германски глас на Омар Су, одбил да продолжи да го синхронизира актерот во новата сезона на популарната серија „Lupin“ под понудените услови.

Истото го направила и Ани Хелм, германскиот глас на Лудвин Саниер. Поради тоа, гледачите на новата сезона треба да слушнат други германски гласови на познатите ликови. Спорот се одразил и на други продукции, а германските медиуми известуваа и за промени кај гласовите поврзани со „Stranger things: Tales from ’85“.

Ситуацијата стигна дотаму што една од опциите за содржини за кои не може да се обезбеди германска синхронизација е тие да бидат достапни во оригинал со германски титлови. Тоа е особено значајно за Германија, земја со една од најголемите и најразвиени традиции на синхронизација во Европа.

Спорот покажува дека ВИ синхронизацијата не е едноставно технолошко прашање. AI денес може да имитира глас, да преведе дијалог и автоматски да создаде нова аудиотрака. Но, германските актери инсистираат дека технички сличен глас не е исто што и актерска изведба. Нивната порака е едноставна: технологијата може да биде алатка во процесот, но не треба да го претвори човечкиот глас во модел кој подоцна може да го замени самиот актер.

И токму затоа Германија во моментов претставува интересен контраст во европската дебата за ВИ синхронизацијата. Додека технологијата овозможува сè полесно создавање вештачки гласови, професионалците што со децении им ги даваат гласовите на филмските и телевизиските ликови велат: НЕ, до тука е.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Последни адреналински сезони од „Итна служба: Тексас“ на полноќ

Познатата серија од популарната франшиза продолжува со последните сезони. “Итна служба Тексас” за нови адреналински …

error: Содржината е заштитена!