Почетна / Забава / „Flowers Symphony“ повторно во Битола и Охрид со повеќе од 100 учесници

„Flowers Symphony“ повторно во Битола и Охрид со повеќе од 100 учесници

Еден од највпечатливите музички проекти на Оркестар DIVA, „Flowers Symphony“, и ова лето ќе ѝ донесе на публиката уникатно музичко доживување исполнето со италијански канцони, оперски арии и незаборавни филмски теми.
Концертот ќе се одржи на 17 август 2026 година, со почеток во 21:00 часот, во Пациото на НУ Завод и Музеј – Битола, а веќе следниот ден, на 18 август 2026 година, во истиот термин, проектот ќе биде изведен и во Долни Сарај – Охрид.
Годинашното издание носи освежена и проширена програма, која ја спојува силата на симфонискиот звук со емоцијата на оперската музика, романтиката на италијанските канцони и впечатливоста на најпознатите филмски композиции. Публиката ќе има можност да слушне музика од големите филмски композитори како Енио Мориконе, Џон Вилијамс и Ханс Цимер, како и избор од познати оперски арии и италијански песни.

На сцената ќе настапат оперските солистки Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, заедно со хорот „Гортинија“ од Гевгелија, под водство на Илија Атанасов.
Специјални гости на концертот ќе бидат Наде Талевска и Билјана Талевска, а целокупната програма ќе биде изведена од Оркестар DIVA (Битолски Камерен Оркестар) под диригентската палка на Владимир Димовски.
Со повеќе од 100 учесници на сцената, „Flowers Symphony“ претставува музичко-сценски проект кој обединува различни генерации уметници, музички жанрови и силни вокални интерпретации во една внимателно осмислена концертна целина.

По успешната премиера минатата година, проектот ова лето се враќа со нова програма и две концертни вечери, во амбиенти кои дополнително ќе ја нагласат неговата романтична и свечена атмосфера.
Концертот во Битола ќе се одржи со седење, а бројот на места е ограничен поради капацитетот на Пациото на НУ Завод и Музеј.
Билетите се во продажба онлајн на yournextevent.info, како и во Тобако Димпо и кај Аздер.
„Flowers Symphony“ е покана за вечер исполнета со музика, емоција и безвременски мелодии, во изведба на врвни солисти, хор и оркестар.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ацо Пејовиќ на 11 јули со концерт во Аква Парк Пробиштип

Еден од најпопуларните регионални изведувачи, Ацо Пејовиќ, на 11 јули ќе одржи концерт во Аква …

error: Содржината е заштитена!