Почетна / Серии / Алфа и Телма останаа без серии – единствени во цел регион

Алфа и Телма останаа без серии – единствени во цел регион

Алфа телевизија веќе неколку години не емитува странски играни серии во својата програма, нешто што претставува неизоставен дел од понудата на сите други национални телевизии во Македонија и регионот.

И тука не зборуваме само за турски серии. Напротив, бугарските телевизии емитуваат премиерни грчки, либански, индиски и американски серии. Хрватските и романските телевизии, покрај турските, прикажуваат шпански серии во текот на денот и американски серии во доцните часови. Но, на Алфа – ништо од тоа.

Од оваа сезона, и Телма телевизија останува без серии. Телевизијата која уште од 90-тите години важеше за репер за квалитетна сериска програма, сега остана без премиерни серии во својата шема.

За потсетување, за времето на уредништвото на Атанас Кировски, во текот на денот се емитуваа по минимум шест седум серии од различни жанрови и продукции и тоа буквално за сите различни вкусови на гледачи.

Со децении, терминот од 22:15 часот беше резервиран за крими-содржини, а дневните или вечерните термини за мелодраматични серии наменети за женската публика. Но, оваа сезона, уредништвото на Телма одлучи целата програма да ја исполни со студиски емисии кои обработуваат различни општествени теми.

А токму сериите, без разлика дали станува збор за европски или американски продукции, се содржините кои носат голема гледаност и лојална публика. Гледачите ги сакаат затоа што создаваат емоционална врска, нудат бегство од секојдневието и овозможуваат континуитет во следењето.

Во време кога сите телевизии во регионот вложуваат во откуп на нови серии за да ја задржат публиката пред екраните, отсуството на серии од македонските телевизии изгледа како чекор наназад.

Додека европските бугарски, хрватски, грчки и албански телевизии ги откупија најновите серии за оваа сезона, ние очигледно сме заглавени во 90-тите години, кога студиските емисии беа главната содржина на домашните телевизии по осамостојувањето.

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Новата анимирана серија „Буквождер“ секоја сабота на МРТ 1

Бушавата азбука го претставува новиот „Буквождер“. „Буквождер“ е нова македонска анимирана серија за деца која …

error: Содржината е заштитена!