Почетна / Филм / Недела на македонски филм на МТВ 1 – „До балчак“ на 3. јануари

Недела на македонски филм на МТВ 1 – „До балчак“ на 3. јануари

 

Вторник (3. јануари) на МТВ 1 во 20:55 часот 

 

Дејствието на филмот се случува во првата декада од XX век. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од било каква идеологизација.

 

 

Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак“. Поточно, сè е во знакот на типичниот парадокс издигнат до ниво на проверената балканска филозофска максима: „Ебати животот, ако не си спремен да умреш за негo“.

Филмот  е историски спектакл, приказна за комплексен четириаголник помеѓу бескомпромисен и идеалистичен востаник, безмилосен турски офицер, богат „татин“ син опортунист кој се враќа дома по завршени студии во Европа и една луцидна и слободоумна жена во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија на настани со далекусежни и несогледиви последици. Ликовите минуваат низ бурни судири, доживуваат катарзични искуства и стекнуваат длабоки нови самосознанија.

 

 

“До балчак” е работен по сценарио на Горан Стефановски, косценарист Столе Попов, директор на фотографија е Апостол Трпевски, музиката е на Дуке Бојаџиев, сценограф  Миленко Јеремиќ, костимограф Емилија Ивановска, а главните улоги ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.

 

 

Филмот е во ко-продукција помеѓу Триангл филм, Сектор Филм, ФХ3Х и Македонска Радио Телевизија, финансиран со средства од Владата на Република Македонија, Министерство за култура, Агенцијата за филм на Република Македонија.

„До Балчак“ се снимаше летото во 2012 година на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп.

 

Дани | ТВ Пакет

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Утринско кино на ТВ 24 – детски авантури, европски саги и светски класици

Возбудливи детски авантури, љубовни романси, европски филмови и светски црно-бели класици ќе гледате во утринското …