Почетна / МК Сцена / Почина истакнатиот актер Бранко Ѓорчев

Почина истакнатиот актер Бранко Ѓорчев

 

Македонија денеска изгуби голем човек. Истакнатиот македонски актер Бранко Ѓорчев по долго боледување почина денеска во Скопје на 51. година од својот живот. Комеморацијата по повод неговата смрт ќе се одржи утре во 11 часот во Драмскиот театар, каде што беше актуелен директор. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта Бутел во 13 часот, а погребот ќе се изврши во 14 часот.

Актерот е роден во Неготино во 1962. година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1987. година и веднаш потоа се вработил во Драмскиот театар, кој останува негова матична сцена 25 години.

 

 

Македонија ќе го памети по многу одиграни улоги на македонската театарска сцена. Ќе останат забележани неговите ролји на Клавдиј во Шекспировиот „Хамлет“, Птоломеј во „Александар“ од Љубиша Георгиевски, Кајафа во „Свето срце“, улогите во „Кинегонда од Карлаленд“ од Венко Андоновски, Ефто во „Лет во место“ од Горан Стефановски, Дионис во „Бакхи“ од Еврипид, Јонадаб во истоименото дело од Питер Шефер, Ховген во „Мефисто“ од Клаус Ман, Фауст во истоименото дело работено по повеќе автори, Неизвесни во „Среќата е нова идеја во Европа“ од Јордан Плевнеш и многу други.

Неговото име особено ќе се памети по улогите во телевизиските серии и филмови како „Заведени“, „Пикасо“, „Случки од животот“, „Ѕвездите на 42“, „Волци“, „Време за плачење“ и други. Во последниот период актерот беше актуелен и со надсинхронизацијата на турските серии. Нека почива во мир!

 

 

 

Крис Манев | ТВ Пакет

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Видео | Ново оро на македонскиот зурлаџија Џељо Дестановски

Го нарекуваат неуморниот македонски музичар, во моментов е еден од  најпознатите зурлаџии кај нас и …